Пописот завршува утре, а ДЗС досега не побара продолжување на операцијата
Утре завршува пописот на населението, домаќинствата и становите, а дел од граѓаните кои досега не се попишале чекаат ред за да го направат тоа. Една од тие слики е и во месна заедница во Карпош 1, каде може да се забележи редица од граѓани пред канцелариите.
Опцијата граѓаните да се попишат во општинските или во канцелариите на Државниот завод за статистика (ДЗС), надлежните ја воведоа на една недела пред завршување на пописот, со цел оние кои не успеале да остварат контакт со попишувачот или не биле пронајдени дома, да отидат сами да се попишат.
Според законското решение, утре е последниот ден од пописот кој започна на 5 септември. Вчера на брифинг со новинарите, претседателот на Собранието, Талат Џафери, изрази подготвеност доколку се јави потреба во текот на кампањата да свика пленарна седница за да се донесат измени на Законот со кои ќе се дадат уште неколку дена за пописот. Досега, немаше официјални информации дека такво нешто е побарано во Собранието, а вчера од ДЗС за „360 степени“ рекоа дека сè уште не решиле дали ќе побараат продолжување и оти одлука ќе донесат најдоцна до денеска.