Костадинов вели дека маската нема никаква порака туку е повеќе политичка сатира, а ликовите од историјата, порача, нека си останат таму
Вечерва во рамки на интернационалната вечер на Струмичкиот карневал ќе се одржи дефиле низ улиците во градот, а во него ќе има учесници од повеќе градови во земјава, како и од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и од Грција
Денеска во 18:30 часот ќе започне карневалското дефиле низ улиците во Струмица во рамки на интернационалната карневалска вечер на Струмичкиот карневал.
Свитата ќе ја предводат принцот и принцезата на карневалот, улоги за кои на синоќешниот маскенбал во хотелот „Сириус“ беа избрани Атанас Костуранов и Катерина Јовановска.
На маскенбалот учествуваа голем број гости од земјава и странство, а една од највпечатливите маски беше на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, јави дописникот на МИА.

Костадинов и неговата девојка Гордана Георгиева синоќа беа маскирани како Тито и Јованка Броз, додека пријателите од неговата група беа Гадафи, Хитлер, Фидел Кастро, Че Гевара и други историски личности.
Градоначалникот рече дека маската нема порака туку дека е повеќе политичка сатира, а ликовите од историјата нека си останат таму.

„Вечерва се случи бришење на границите на Балканот, се случи Европа без граници. Беше преубаво да се биде дел од маскенбалот и да се види како луѓе под маски од различни земји и нации заедно пеат, играат и се веселат. Хрвати, Срби, Босанци, Црногорци, Грци, Бугари и Македонци, но и гости од Шведска, Германија, Холандија, Италија, Словенија и Турција, вечерва беа едно. Можеби тоа беше најубавиот маскенбал од сите досега одржани, маскенбал каков што само може да се посака“,
изјави синоќа Костадинов.
На вечерашното карневалско дефиле низ струмичките улици се очекува да учествуваат 41 група во различни категории со учесници од земјава, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција и од повеќе градови во државата, а карневалската поворка се очекува да трае околу 3,5 часа.

Маските ќе ги оценува жири-комисија, која во различни категории ќе им додели награди на најуспешните.
Струмичкиот карневал продолжува утре, на Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.