Грчките пожарникари се борат со шумски пожар недалеку од Атина. Противпожарните авиони ја прекинаа работата синоќа по зајдисонце, но ситуацијата сè уште е тешка, а огнот се шири кон куќите.
Повеќе од 400 пожарникари, 16 „канадери“ и 13 хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот кој брзо се прошири на 35 километри северно од Атина.
Грчката Цивилна заштита денеска наутро нареди евакуација на неколку населени места во североисточните предградија на Атина. Најмалку пет населени места се евакуирани утрово, како и две болници.
Жителка на гратчето Варнавас во Источна Атика, регион во близина на Атина, изјави дека огнот многу брзо се проширил.
„Пожарот го опколи селото додека трепнеш, што е нелогично. Како да имаше повеќе огнени фронтови. Почна од едно место и наеднаш целото село беше опколено. Ветерот е навистина силен“,
изјави Катерина Филакту, жителка на Варнавас.
Од мај стотици шумски пожари се пријавени низ Грција. По најтоплата зима досега и долгите периоди со малку или без врнежи, јуни и јули беа најтоплите месеци откако се прават мерења.