Браво за нашиот мал херој кој и покрај повредите успеал да се јави и да побара помош, вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев
За случајот се огласи и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој наведе дека на бројот за итни случаи 112 се јавила мајката и известила дека ѝ се јавил осумгодишниот син да каже за сообраќајката. Детето, вели Ангелов, било преплашено и во шок
Тешка сообраќајна несреќа синоќа се случила на патот Дреново – Кавадарци, објави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев раскажувајќи дека спасувачката акција била организирала благодарение на пријавата од осумгодишно дете.
Осумгодишното дете заедно со неговиот татко биле во автомобилот кој ноќеска излетал 22 метри од патот, а детето и покрај повредите успеало да се јави и со негова помош пожарникарите да ги пронајдат.
„Случајот го пријавил детето кое има само 8 години, и кое и покрај повредите успеало да се јави на 112 и да побара помош за себе и својот татко. Благодарение на пожарникарите во постојана комуникација со детето, колата е пронајдена, а двајцата со тешки повреди од Општа Болница Кавадарци се пренесени во Скопје. Браво за нашиот мал херој кој и покрај повредите успеал да се јави и да побара помош. Со зборовите ’гледам само темница, заглавен сум, сѐ ме боли, а татко ми не дише‘“,
вели Јанчев кој објави и фотографии од излетаниот автомобил.
За случајот се огласи и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој наведе дека на бројот за итни случаи 112 се јавила мајката и известила дека ѝ се јавил осумгодишниот син да каже за сообраќајката.
Еден од операторите во центарот 112 веднаш стапил во контакт со детето, додека друг ги известил полицијата, противпожарната бригада од Кавадарци и Итната медицинска помош.
„Операторите од 112 на ЦУК може да го лоцираат точното место на несреќата само доколку повикот се добива од лице место, но не и кога 112 бара лице кое се наоѓа на местото на несреќата. Затоа, во ваков случај се бара од лицето кое се наоѓа на местото на несреќата да се јави на 112. Со добивањето на повикот операторите на 112 во ЦУК истовремено ги гледаат и координатите од кои доаѓа повикот со што ја определуваат точната локација на повикувачот односно несреќата. Во овој случај тоа не било можно бидејќи не можеле да воспостават ефективна комуникација со детето кое било преплашено и во шок, постојано ја барало мајка си повторувајќи дека татко му не дише и му тече крв од главата, а и дека тоа самото не може да дише нормално“,
раскажува Ангелов.
Затоа, со детето контакт воспоставиле кавадаречките пожарникари, кои врз основа и на информациите од мајката, успеале да го пронајдат излетаното возило.