Во синоќешната објава на Фејсбук, во која тој информира за пречекот на обрасците на граничниот премин „Богородица“, Бојмацалиев најавува дека наскоро во земјава ќе пристигне уште една пратка од 85 илјади обрасци
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Митко Бојмацалив, синоќа на македонско-грчката граница ја пречекал пратката од 140 илјади обрасци за пасоши. Во синоќешната објава на Фејсбук, во која тој информира за пречекот на обрасците на граничниот премин „Богородица“, Бојмацалиев најавува дека наскоро во земјава ќе пристигне уште една пратка од 85 илјади обрасци.
„Покрај денешната пратка од 140 000 обрасци, за многу скоро време ќе пристигне уште една пратка од 85 000 обрасци, со што бројката од 225 000 обрасци се комплетира. Досега се пристигнати 1 509 600 обрасци за патни исправи, а со обрасците што стасаа и со тие до крај на месецот ќе бидат вкупно 1 734 600“,
пишува Бојмацалиев во објавата на Фејсбук.
Во фејсбук-објавата тој апелира до граѓаните навремено да ги поднесуваат своите барања за промена на личните документи. Додава дека вработените во управните служби на МВР им се на располагање на граѓаните за сите потребни информации и поддршка во целокупниот процес на издавање на документите.