Членови на еколошкото движење „Последна генерација“ денеска ја испрскаа Бранденбуршката порта, која е симбол на Берлин, со портокалова боја.
„Протестот укажува дека е дојдено време за политички пресврт и откажување од фосилните горива и за повеќе правда“,
се вели во соопштението на движењето „Последна генерација“.
Според полициското соопштение, во тек е акција во која се уапсени неколку лица на Парискиот плоштад, веднаш до Бранденбуршката порта.
Демонстрантите користеа пренаменети противпожарни апарати кои содржеа боја наместо средство за гаснење за да ја испрскаат Бранденбуршката порта и реонот околу Парискиот плоштад, каде што се наоѓаат француската и американската амбасада.
Припадниците на „Последната генерација“ најавија интензивирање на акциите во Берлин во втората половина на септември со зголемено блокирање на патиштата.
Акциите, како што најавија, ќе бидат прекинати кога германската влада ќе ги исполни барањата на демонстрантите, кои вклучуваат зајакнување на мерките за забавување на климатските промени.