На повеќе локации низ Скопје се поставени билборди со ликот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на кои пишува: „Пари, тендери и бизнис интереси на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, затоа ли се кавгите во Град Скопје?“, „Кај е шпицниот градоначалник?“, а наведена е и сума „136.000.000 евра“ што треба да е алузија на вредноста на тендерот за пречистителната станица во Скопје.
На билбордите нема кој е нарачател.
Јавните обвинувања и остриот речник на релација Данела Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ кулминираа на седницата на Советот на Град Скопје пред два дена. Беа упатени предупредувања до Арсовска дека можеби за една година ќе се најде во обвинителство да дава исказ, но и обвинувања од нејзина страна дека „директорчињата на Мицкоски биле фатени со рацете во медот“, а Мицкоски го нарече „шпицен градоначалник“.
Претходно, Арсовска го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради, како што соопштија од нејзиниот кабинет, самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра за изградба на пречистителна станица.
Денеска имаше нова рунда препукувања на оваа тема. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека „новото лице на СДС е Данела Арсовска“, посочувајќи на поставените билборди.
„Таа е лидер на новоформираната клептоманска коалиција каде се собрани уценети луѓе од Спасовски, Зечевиќ и МВР. Затоа СДС од петни жили се труди да ја одбрани Арсовска и нејзината инволвираност во злоупотреби со пречистителната станица и директни конекции со турската компанија за која однапред знае каква понуда дала. СДС дури во ова тешко време на енергетска криза не жали пари да мести билборди само да ја одбрани Арсовска“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, велат дека „кавгите во Градот Скопје, за пари, бизнис интереси и тендер вреден 136 милиони евра е на директна штета на граѓаните и го покажува вистинското лице на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“.
„Кавгите меѓу Мицкоски и Арсовска не ги интересираат скопјани, очекуваат работа и реалзација на проектите. Токму Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа кандидатурата на Арсовска, ѝ ги собраа потребните потписи и заедно ја бараа довербата од скопјани. Мицкоски дури и јавно кажа дека заедно со Арсовска преговараат со компании за набавка на 100 електрични автобуси. Затоа ли го нарекуваат во ВМРО-ДПМНЕ шпицен градоначлник, но тоа не ги интересира граѓаните“,
велат од СДСМ.