Илинка Митрева, која не напушти вчера, остави длабока трага во македонското општество – и како политичарка и како универзитетска професорка.
Беше дама, со изграден стил на облекување и однесување. Сведоштво за тоа ќе останат мноштво фотографии, од кои дел реобјавуваме во продолжение на овој текст.
Во политиката најдолго беше пратеничка во Собранието – од 1994 до 2001 година. Сепак, од нејзината политичка кариера највпечатливи се периодите во кои беше шефица на дипломатија. Прво, за време на конфликт во 2001 година во владата на широката коалиција (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП) на премиерот Љубчо Георгиевски.
По победата на СДСМ на парламентарните избори во 2002 година повторно беше избрана за министерка за надворешни работи, позиција на која остана до 2006 г. кај тројца премиери – Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски.
Во мај 2003 година во Тирана Илинка Митрева, од името на Македонија, ја потпиша Јадранската повелба, заедно со американскиот државен секретар Колин Пауел и министрите за надворешни работи на Албанија и Хрватска, Илир Мета и Тонино Пицула. Потпишувањето на Повелбата за Јадранската група значеше официјализирање на спонзорството од САД за идно членство на трите држави во НАТО што за Хрватска и Албанија се случи во 2009 г., а за Северна Македонија во 2020 година.
Меѓу најзначајните настани во нејзината политичка кариера е добивањето на статусот земја кандидат за членство во Европската Унија во 2005 година, што го дочека од министерската позиција во МНР.
По повод смртта на Митрева од СДСМ соопштија дека таа имала голем придонес во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои, како што велат, беа полни со сериозни предизвици.
„Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните“,
се вели во соопштението од СДСМ.