Да се отфрлат стереотипите како „агресори“, да се истакне партнерството односно соработката на НАТО со земјите партнери, а не воената компонента на Северноатлантската алијанса во образовните материјали, се препораките од професори кои денеска учествуваа на еден од панелите на онлајн форумот „Евроатлантските вредности и општествените предизвици низ призмата на образовниот процес“ во организација на Институтот ГАУС – Фондација за нови технологии.
Професорите Татјана Стојановска-Иванова од Филозофскиот факултет во Скопје и Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки од штипскиот универзитет сметаат дека едукацијата за Алијансата ќе придонесе да се елиминираат негативистичките ставови кон НАТО и погрешните информации што се пласираат во масовните медиумите.
„Да се каже кои се вистинските, универзални вредности и што значат придобивките на Република Северна Македонија со членството во НАТО, а и како земја аспирант во ЕУ. Во мас-медиумите недостигаат појаснувања што подразбира НАТО – дека не се агресори, дека придонесуваат за зајакнување на мирот и безбедноста на една земја. Тие содржини ние ги имплементиравме во темите во граѓанско образование, во осмо и деветто одделение, а во средно овие теми уште повеќе се елаборираат за да им помогнат на младите да ги надминат стереотипите“,
рече Стојановска-Иванова.
Професорот Барбареев смета дека треба да се тргне од прашањето, зошто ни е важно знаењето за Северноатлантската алијанса, дали се темите соодветно застапени во нашето образование и каков курикулум треба да се креира и да му се понуди на ученикот.
Историчарот Александар Стојчев, раководител на Воениот музеј при Министерството за одбрана, смета дека треба да се напуштат некои застарени термини.
„Треба да се пристапи кон изучување како за организација која не е агресор, зашто уште на потпишувањето на Договорот од 4 април 1949 е потенцирано дека тоа е пакт на мирот, кој не е насочен кон ниту една нација, туку е насочен против агресијата и е одбранбен сојуз. Важно е да се истакне и партнерството односно соработката на НАТО со земјите партнери. И тоа да биде противтежа односно да не се истакнува воената компонента“,
истакна Стојчев.