Прашањето што, според претседателот на Кривичниот суд, треба да се постави е како е можно да се води паралелно истрага, односно да се сослушуваат истите луѓе што ги сослушува и Обвинителство
Формирањето собраниска Анкетна комисија за случајот Онкологија во време кога има активна истрага е нешто недозволиво. Тоа е нормално доколку истрагата е затворена, доколку е поминат поголем временски период, меѓутоа во време на активна истрага тоа е опструкција, смета претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев.
Според Џолев, се контаминира истражниот процес, а нема никаква реакција за тоа.
„Ја прибавуваат целата документација, сослушуваат, значи го контаминираат истражниот процес и нема никаква реакција за тоа“,
вели Џолев на денешниот брифинг со медиумите.
Прашањето што, според претседателот на Кривичниот суд, треба да се постави е како е можно да се води паралелно истрага, односно да се сослушуваат истите луѓе што ги сослушува и Обвинителство.
– Потоа кога ќе дојдат во суд, кога ќе почне рочиштето, одбраната ќе кажува ова веќе не може да се користи како доказ, поради тоа, тоа, тоа… па повреди, па Стразбур и така натака. Многу е комплицирано, иако можеби од страна не изгледа така,
појаснува Џолев.