На прес-конференцијата со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, еврокомесарката Фон дер Лајен констатира дека официјален Киев постигнал одлични резултати во реформите, а тоа ќе биде објавено наскоро во годишниот извештај за напредокот на земјата
Украина се движи кон следната фаза од членство во Европската Унија, вели претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен откако денеска ја посети земјата.
На прес-конференцијата со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, еврокомесарката Фон дер Лајен констатира дека официјален Киев постигнал одлични резултати во реформите, а тоа ќе биде објавено наскоро во годишниот извештај за напредокот на земјата.
„Импресионирани сме од реформите што ги направивте среде војна. Никогаш нема да заборавиме дека водите војна за опстанок, а во исто време длабоко ја реформирате земјата. Се справивте со многу предизвици реформирајќи го правосудниот систем, ограничувајќи ја моќта на олигарсите, справувајќи се со перењето пари и уште многу повеќе“,
изјави Фон дер Лајен пред украинската јавност.

Еврокомесарката смета дека државата се модернизирала преку со помошта од ЕУ во вредност од 83 милијарди евра, но нагласи дека се потребни уште 50 милијарди евра за Киев до 2027 година.
„Ние ќе продолжиме со нашите напори да ја натераме Русија да плати за својата агресија. Нашите постојни санкции имаат длабоки последици врз руската економија и наскоро на земјите членки ќе им го предложиме нашиот 12 пакет на санкции во кои ќе има нови листа на одговорни за инвазијата и окупацијата на оваа држава, но и на оние што се одговорни за бруталното киднапирање на деца и оние кои се инволивирани во ширење лажни вести и пропаганда. Пакетот ќе вклучува нови забрани за увоз и извоз и мерки за намалување на разликите во цената на нафтата“,
истакна Фон дер Лајен.
Украинскиот претседател, пак, на прес-конференцијата нагласи дека посетата на Фон дер Лајен доаѓа во многу важен историски момент, кога Украина очекува политичка одлука за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
„Ова одлука ќе има клучна улога во историјата не само за Украина, туку и за цела Европа. Отпочнувањето на преговорите за членство со Украина, што верувам дека ќе се случи, е прашање на неколку принципи. Прво, повеќе ќе нема сиви геополитички зони во Европа, второ, ќе поставиме база за раст на Украина и на сите европски земји и трето, тоа ќе гарантира вистинска социјална и економска сигурност за нашата земја и за украинскиот народ“,
изјави Зеленски.
На средбата станало збор и за воената поддршката за Украина и нејзиното општество за одбрана од руската агресија.
„Русија треба да види дека светот не отстапува од одбрана на слободата и меѓународното право и јас сум ви многу благодарен за тоа. Секако, важно е да продолжиме со нашата заедничка работа и да обезбедиме дека руските средства во странство, а пред се во Европа, ќе се користат против руската агресија. Важно е и чесно, терористичката држава со нејзини средства да ги покрие трошоците што ги предизвика“,
потенцираше Зеленски.
На прес-конференцијата со Фон дер Лајен се осврна на конфликтот на Блискиот Исток, кој смета дека ја дефокусира меѓународната јавност од случувањата во Украина, а притоа вели дека најголема полза од тоа имала Русија.