Таа додаде дека не би сакала да навлегува во детали за текот на преговорите и посочи дека во разговори ништо не е договорено додека на биде постигнат договор за целиот пакет
Ќе отидам во Белата куќа тогаш кога ќе имаме пакет со решенија за трговските прашања со кој ќе се согласиме со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„За мене е важно ако одам во Белата куќа да имам пакет и сакам да имам решение за кое двајцата можеме да се согласиме, тоа е она на што работиме во моментов во рамки на разговорите со САД“,
рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Брисел.

Таа додаде дека не би сакала да навлегува во детали за текот на преговорите и посочи дека во разговори ништо не е договорено додека на биде постигнат договор за целиот пакет.
Фон дер Лајен нагласи дека во тој правец ЕУ предложи модел на „нула за нула“ царини од двете страни на Атлантикот.
„Ние сме подготвени да ги укинеме царините за индустриски стоки и како што знаете, интензивно работиме на договор за решение за прашањето за царините. Решение кое е балансирано, фер, неутрално и корисно за двете страни на Атлантикот. Но, ако преговорите не успеат, ние ќе дејствуваме и затоа во моментов се консултираме за можната листа на реципрочни мерки. Со други зборови, сите наши инструменти и опции остануваат на маса“,
додаде Фон дер Лајен.
Мерц, од своја страна, истакна дека ги поддржува преговорите што се водат со САД, посочувајќи дека во интерес на двете страни е да се најде решение. Тој нагласи дека Вашингтон не може да ги одбира земјите членки на ЕУ една по една и со нив да преговараат за трговски договори, бидејќи трговијата е во целосна надлежност на Европската комисија и нивни трговски партнер е ЕУ во целина.
Според Мерц, централен проект на ЕУ за наредните години треба да биде јакнење на конкурентноста на европската индустрии, за што е потребно намалувањето на бирократијата и поедноставување на регулативите на Унијата.
„Ни треба фундаментална модернизација и подобри рамковни услови во Европската Унија“,
рече Мерц.