Според претседателката на Европската комисија, усогласување на визната политика на земјите од регионот со политиките на ЕУ е неопходно „за да се задржи безвизниот режим“ со земјите од Западен Балкан

Историски чекор е кандидатурата на Северна Македонија и Албанија за членство во ЕУ, а ЕК ја препорачува Босна и Херцеговина како следен кандидат, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на денешната прес конференција по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана.
Претседателката на Европската комисија повтори дека ја поддржува интеграцијата на регионот во ЕУ и дека е направен голем чекор во вистинската насока.
Фон дер Лајен ја истакна посветеноста на европските институции на процесот на проширување и нагласи дека одржувањето на самитот во регионот дава јасна порака за ангажманот, единството и заедничкото партнерство на Брисел.
„ЕУ е повеќе од кога било посветена на заедничка иднина, со нашите партнери од Западен Балкан во рамките на ЕУ. Ја користиме секоја можност да ги зближиме нашите региони и нашиот народ – од заедничко решавање на енергетската криза до отворање повеќе можности за граѓаните и бизнисите, вклучително и намалувањето на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување“,
рече Фон дер Лејен.
Според претседателката на Европската комисија, усогласување на визната политика на земјите од регионот со политиките на ЕУ е неопходно „за да се задржи безвизниот режим“ со земјите од Западен Балкан.
Таа денеска од Тирана нагласи дека пораката од денешниот самит е порака за обединување и дека „целиот регион на Западен Балкан и припаѓа на ЕУ“.