Оставката ја поднесувам за да се избегне можен конфликт на интерес со мојот глас во Собранието, вели пратеникот од ДУИ откако вчера од ДКСК укажаа на потенцијалниот проблем – братот пратеник да гласа за братот кандидат за министер
Пратеникот Флорин Бесими од ДУИ, кој е брат на кандидатот за министер за финансии од редовите на интегративците, Фатмир Бесими, на „Фејсбук“ објави дека се повлекува од пратеничката функција.
„Оставката ја поднесувам за да се избегне можен конфликт на интерес со мојот глас во Собранието“,
пишува Флорин Бесими.
Бесими стана дел од новиот пратенички состав како кандидат на ДУИ во шестата изборна единица. Тој по професија е доктор, а беше директор на ЈЗУ Клиничка болница-Тетово. Со повлекувањето од пратеничката функција кажа дека се враќа на примарната работа во матичниот град.
Претходно, Антикорупциската комисија излезе со став дека пратеникот Флорин Бесими не смее да го бира својот брат Фатмир Бесими за министер во новата Влада.
Пратеничкиот глас на Флорин Бесими беше четврти глас од ДУИ кој висеше за изборот на новиот владин состав.
Деновиве се пишува за несогласувањата во редовите на ДУИ во однос на дел од кадровските решенија што лидерот Али Ахмети ги предлага за новата Влада. Револтот се однесува најмногу на кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Несогласувањата се најизразени кај партиските ограноци на ДУИ во Чаир и во Сарај. Со тоа во прашање се гласовите за поддршка на новата Влада на Изет Меџити и уште една пратеничка од Чаир, како и гласот на Арбен Зибери од огранокот во Сарај.
Со договорот за коалицирање меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, парламентарното мнозинство треба да брои 62 пратеници, а за избор на владиниот состав се потребни најмалку 61 глас во Собранието.