Поранешниот словенечки врховен државен обвинител и професор по казнено право на Правниот факултет на Универзитетот во Љубљана, Звонко Фишер, смета дека Македонија имам многу различни и нејасни идеи како да се излезе од кризата во однос на измените на законот за јавно обвинителство.
Фишер, кој минатата година од германската влада преку ГИЗ и ИПА/2017 бил ангажиран да направи скенирање на состојбите во земјава во однос на редефинирањето на оваа сфера во правосудството, по средбите што ги остварил и материјалите во кои имал увид, добил впечаток дека сите во Македонија чекаат некој друг да ги направи промените и со магично стапче да ги реши проблемите.
Во завршниот извештај изготвен во февруари 2019 година, Фишер укажува дека бил изненаден од леснотијата со која сите соговорници му тврделе дека со законот сè ќе се каже и сè ќе се реши.
„Имав впечаток дека некои од нив не се ниту свесни дека законското уредување на материјата, кое се разбира мора да биде квалитетно, е само предуслов и основа за промени, а дека ништо важно нема да се смени во позитивна насока ако нема поддршка и голема активност на сите фактори што можат да влијаат врз промените во обвинителската сфера, вклучувајќи ги и самите обвинители“,
смета Фишер.
Тој укажува дека на сите со кои разговарал им е јасно дека обвинителството е исклучително важен орган во општеството и дека е неопходен за остварување на владеењето на правото, но вели дека размислувањата за неговата иднина, според погледите и понудените решенија, му припаѓаат на минатото.
Нагласена субординација – проблематична во демократија
„Особено ме изненади многу честото експонирање на принципите на хиерархија и субординација во организацијата и работата на обвинителството. Важно е да се направи амбициозна организација која ќе се базира на закон, стручност и висока професионалност на обвинителите, која успева да ја држи политиката што подалеку од обвинителството и од обвинителите. Единството и ефикасноста на кривичниот прогон треба да произлегува од законот, а не од наредбите и од дисциплинирањето“,
пишува Фишер во експертскиот извештај за состојбата со јавното обвинителство во Македонија.
Според него, треба да се преиспита традиционалното сфаќање на обвинителството како монократска, бирократска и хиерархиска организација и тие три карактеристики, како во секое модерно општество, да се преиспитаат, имајќи ги предвид како позитивните така и сериозните негативни последици што ги предизвикуваат.
„Впечатокот што го добив е дека се сака да се засили хиерархијата и субординацијата. Но таа, ако ги преминува границите, може да стане проблематична, а во модерните демократски општества и непосакувана и неприфатлива. Тоа, се разбира, важи во ситуации кога хиерархијата и субординацијата навлегуваат во самостојноста и независноста на секого од обвинителите“,
вели Фишер.
Според него, сериозна маана на централизираните организации е неотпорноста на недозволени влијанија однадвор и однатре. Во таква ситуација, ако се подлегне на влијанието, според него, тоа ќе предизвика целосен колапс на системот, бидејќи тој функционира по својата хиерархиска логика.
Токму поради тоа, за гонење кривични дела ненадоместлива и апсолутна е потребата за посамостојно и врз основа на закон засновано стручно одлучување на секој од обвинителите.
„Недозволеното влијание во една децентрализирана организација ќе предизвика само ограничена штета, бидејќи влијанието нема да се прошири низ системот. Исто така, таквиот систем без хиерархија и без централизација ќе биде пофлексибилен и ќе може да ги амортизира евентуалните силни притисоци врз клучните лица кои одлучуваат во организацијата. Поновите искуства покажуваат дека токму ваквите обвинителски организации се поуспешни“,
смета Фишер.
Во извештајот што го подготвил по посетата на Македонија минатата година, Фишер дава и други предлози и сугестии, особено за тоа како да се пополнуваат кадровските дупки во обвинителството и како да се зајакне улогата на Советот на јавни обвинители, особено во сферата на оцена на работењето на обвинителите.