„Убедени сме дека социјалниот дијалог е најдоброто оружје, би рекол, инструмент, преку кој работниците ги остваруваат своите права. Очекуваме синдикатите да бидат третирани како рамноправни партнери со другата страна, која ги претставува работодавачите“, вели Неделков

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) нема да биде дел од Првомајскиот протест в петок во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Ова го најави претседадателот на СОНК, Јаким Неделков, на конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.
Тој рече дека протестот го организира друга федерација, односно друг синдикат, и оти не се дел од тоа.
„Ние го одбравме патот на социјален дијалог и преговори – резултатите ги постигнуваме на маса. Тие го одбрале тој пат, да одат на улица, тоа е нивна стратегија“,
рече Неделков.
Неделков вели дека како синдикат оваа година донеле одлука празникот на работниците да го одбележат со научна конференција, каде на највисоко ниво ќе се разговара за трудовите закони што се однесуваат на работниците.
„Убедени сме дека социјалниот дијалог е најдоброто оружје, би рекол инструмент, преку кој работниците ги остваруваат своите права. Очекуваме синдикатите да бидат третирани како рамноправни партнери со другата страна, која ги претставува работодавачите“,
рече Неделков пред почетокот на конференцијата.
Тој најави дека на конференцијата ќе се разговара и за колективните договори, нивната примена во практика и предизвиците кои претстојат во однос на колективните договори.
Во однос на тоа каде се прекршуваат правата на работниците, рече дека генерално, имаме закони кои ги опфаќаат сите работнички права.
„Тие закони се доуредени со колективни договори, каде што е допрецизирано што им следува на работниците. Генерално она што на синдикатот, потписникот на колективниот договор му пречи, тоа е пристапот кон толкување на колективниот договор, односно не се почитуваат одредбите ниту од Законот за работни односи којшто кажува гранските колективни договори за кого се применливи односно за кого важат, а најмалку пак од директорите кои треба како први работодавачи да ги имплементираат тие колективни договори“,
рече тој.
Вели дека директорите не ги почитуваат и одредбите од колективните договори и ги применуваат за сите вработени што законот за работни односи и науката тоа не го кажува.
„Тоа ни е еден од најгорливите проблеми каде што оние кои не се членови, односно воопшто не го финансираат синдикатот за да преговараат со ресорните министри итн, бесплатно ги уживаат правата кои се обезбедени од оние што плаќаат членарина. Практично, испаѓа како во самопослуга – едни плаќаат, а други користат бесплатно. Или ако ги прашате дали се дискриминирани во однос на членовите, велат дека не, туку обратно – членовите кои плаќаат, ја финансираат организацијата за да ги штити нивните интереси, тие за таа услуга нормално плаќаат на синдикатот, а оние што не плаќаат ниту денар ги користат истите привилегии, што апсолутно не е исправно“,
рече Неделков.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески во изјава за медиуми оцени дека во овој период, откако е воспоставено Министерството, има голем напредок околу склучувањето на колективните договори, посебно во јавниот сектор.
Според него, целта на Министерството за економија е да се започне процесот околу донесувањето на клучниот закон во работничките права, а тоа е Законот за работни односи, кој веќе осум години се работи, а сè уште не е донесен.
Со него, како што рече, ќе се направат многу поквалитетни решенија во однос на заштитата на работничките права и би се унапредил односот меѓу работниците и работодавачите.
„Со тоа би се вовеле и нови, модерни начини на работа и работнички права, како што се флексибилно работно време, онлајн работа, работа од дома, како и флексибилност за родители со мали деца или членови на семејството со посебни потреби. Сето тоа би било опфатено, бидејќи овој закон е стар над 20 години и мора да ги претрпи овие промени, за да ги направиме во согласност со денешните услови“,
рече Ристески.
Вели дека наскоро ќе се формира работна група за да се одглави законот онаму каде што е закочен и очекува до крајот на годината и можеби почетокот на идната да има нов закон со општ консензус на работниците застапени преку синдикатите и преку организацијата на работодавачи.
