„Меѓународниот ден на трудот е ден кога не се поканува, туку се доаѓа. Денот кога работниците, односно правите синдикати насекаде во светот излегуваат на протест и на демонстрација. Тоа е ден кога работниците треба да бидат најгласни, да излезат рамо до рамо и да покажат дека неправдата што ја трпат цела година знаат јасно и гласно да ја кажат“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Протестот, како што најави, ќе се одржи на 1 Мај во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, по што ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде што ќе бидат упатени главните синдикални барања
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на масовен протест на 1 Мај, порачувајќи дека Меѓународниот ден на трудот не е ден за пикник, туку ден за работничка солидарност, гласен отпор и борба за повисоки плати, подобри услови за работа и поголема безбедност на работните места.

На денешната прес-конференција во пресрет на 1 Мај, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека работниците треба масовно да излезат на улица и јасно да го изразат незадоволството од ниските плати, слабата заштита на работничките права и игнорантскиот однос на институциите и работодавачите.
„Меѓународниот ден на трудот е ден кога не се поканува, туку се доаѓа. Денот,кога работниците, односно правите синдикати насекаде во светот излегуваат на протест и на демонстрација. Тоа е ден кога работниците треба да бидат најгласни, да излезат рамо до рамо и да покажат дека неправдата што ја трпат цела година знаат јасно и гласно да ја кажат“,
изјави Трендафилов.
Протестот, како што најави, ќе се одржи на 1 Мај во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, по што ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени главните синдикални барања.
Во фокусот на протестот, посочува Трендафилов дека ќе биде барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.
Според податоците на Управата за јавни приходи, повеќе од 260 000 работници во државата, односно околу половина од вкупната работна сила, примаат плата пониска од 600 евра.
„Тоа значи дека 50 отсто од работниците во Македонија живеат со плата под 600 евра. Ако се незадоволни, нека не ни се жалат по улици и пораки, туку нека застанат со нас рамо до рамо и нека покажат дека бараат достоинствена плата. Да покажат дека се незадоволни од висината на работничките плати, од висината на платата која ја носат нивните семејства“,
вели тој.
Предупредува дека со мартовското усогласување минималната плата е зголемена за само 1 667 денари, додека синдикалната минимална кошница од почетокот на годината пораснала за 3 304 денари, што, според него, значи дека семејствата со две минимални плати не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот.
Трендафилов алармираше и дека колективните договори се под сериозен притисок, а како особено ризичен го посочи обидот за укинување на Колективниот договор во културата, што според него, може да предизвика домино ефект и врз другите колективни договори.
Дополнително, предупреди и на сè почестите несреќи на работните места, посочувајќи дека Македонија станува една од најцрните точки во Европа по бројот на смртни случаи и повреди при работа.
„Работниците секое утро заминуваат на работа и не знаат дали ќе се вратат дома. Тоа е пораз за едно општество. Податоците кои покажуваат дека голем број на наши сограѓани ги губат своите животи на своите работни места, а нивната смрт чини помеѓу 5 и 10 илјади евра заради тоа што биле осигурани, сметаме дека е пораз за едно општество, а Македонија како држава да биде најцрната точка можеби на картата во Европа по смртни случаи на своите работни места и по повреди на работните места поради непреземање на услови и посебни мерки за заштита и безбедност и здравје при работа. Овие три прашања не се само прашања кои лебдат во воздухот, ова се човечки судбини, ова се судбини кои ги живеат работниците секојдневно“,
рече Трендафилов, повикувајќи на поголем инспекциски надзор и посилна заштита на безбедноста и здравјето при работа.
Претседателот на ССМ порача дека синдикалната борба не завршува со еден протест и дека, доколку нема слух за работничките барања, по 1 Мај ќе следуваат нови протести, блокади и други форми на синдикален притисок.
„Работничката борба е маратон, а не спринт. Ако не се буните, немате право ни да се лутите. Затоа ги повикувам сите да не се обесхрабруваат, туку да продолжат да се борат за своите работнички права, за работничките права на своите најблиски затоа што ниту пензиите, ниту платите во Македонија се доволни, а гледаме дека платите и пензиите не се основниот виновник за зголемување на инфлацијата која е реалност во Македонија и која уште повеќе го усложнува и го прави животот да биде да биде потежок“,
кажа Трендафилов.
ССМ најави дека по првомајскиот протест можно е продолжување на синдикалните активности доколку тоа го побараат работниците, со нови протести и блокади во наредниот период.
Инаку, работниците на 14 март годинава одржаа протест на кој го изнесоа своето барање за зголемување на минималната плата од 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6 000 денари.
