Ова го правиме со единствена цел на овие потрошувачи коишто во екот на најголемата енергетска криза не добиваа субвенција од државата сега да им помогнеме затоа што се остварени услови за тоа“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција на која ја соопшти одлуката
Фирмите, основните училишта, градинките и малите дуќани ќе плаќаат пониски сметки за парно греење за 35 проценти, почнувајќи веќе од сметките за февруари кои ќе им бидат испорачани следниот месец, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Одлуката денеска на прес-конференција ја соопшти претседателот на РКЕ, Марко Бисломоски, кој кажа дека таа се заснова на намалените трошоци за природен гас, согласно цените за овој енергент на европските берзи.
„Ние во изминатиов период ја следевме цената на природниот гас на берзите во Европа и имајќи предвид дека претходната одлука имавме отидено со повисоки цени, бидејќи такви беа прогнозите, она што гледаме како реализирано во јануари, февруари и предвидувањата за наредниот период ни дада основ да ја донесеме оваа одлука со единствена цел на овие потрошувачи коишто во изминатиот период немаа никаква субвенција да им ги намалиме трошоците за топлинска енергија“,
рече претседателот на РКЕ.
Тој верува дека ваквата одлука дополнително ќе влијае и ќе придонесе за зголемување на бројот на нови потрошувачи, пред сè од деловните корисници кои ќе се приклучат на централниот систем за греење во главниот град.
Бислимоски, одговарајќи на прашање, беше дециден дека намалувањето на цената на топлинската енергија ќе важи подеднакво за сите деловни корисници, без разлика дали станува збор за поголеми или помали фирми.
„Тоа е за сите деловни корисници на територијата на градот Скопје. Тоа е 20 проценти од вкупната потрошувачка и започнувајќи од февруарските сметки овие потрошувачи ќе ја имаат таа привилегија да им бидат намалени цените за 35 проценти. Значи сега сметката којашто ќе ја добијат на почетокот на март, а се однесува на месец февруари, ќе биде намалена за 35 проценти. Тоа го правиме со единствена цел на овие потрошувачи коишто во екот на најголемата енергетска криза не добиваа субвенција од државата сега да им помогнеме затоа што се остварени услови за тоа“,
кажа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.
Прашан за цената на парното греење за домаќинствата, Бислимоски посочи дека таа во изминатите три години е субвенционирана од државата за околу 20 отсто и тоа ќе продолжи до крајот на оваа грејна сезона. Новата цена на топлинската енергија за домаќинствата, додаде тој, ќе се крои во текот на јули, како што е пракса.
Доколку состојбата со цената на природниот гас на европските берзи остане стабилна и ако се исполнат потребните услови, Бисломоски, рече дека може да се очекува намалување на цената на парното и за домаќинствата.
„Ја следиме ситуацијата на пазарот за природен гас. Значи во делот на она што го знаеме се добиваат субвенции од Владата и верувам дека доколку останат овие цени такви какви што се, а и предвидувањата се такви, а треба да се земе предвид дека и цената на пазарот на природен гас во Македонија е за петнаесетина-дваесетина проценти повисока отколку што е цената на природниот гас на најголемата берза во Европа, тоа е Ти-ти-еф берзата, доколку бидат исполнети условите, апсолутно ќе пристапиме кон носење на нова одлука и за цената на домаќинствата. Значи, секогаш кога се создадени услови за намалување на цена, Регулаторната комисија за енергетика тоа ќе го направи“,
изјави Бислимоски.
Во врска со намалувањето на цената на топлинската енергија за деловните корисници, тој не можеше да даде прецизни податоци за старите и новите цени, бидејќи, како што кажа, ги нема во моментот пред себе тие податоци. Сепак, споредбено со домаќинствата, рече дека тие во моментов имаат за 75 отсто пониска цена на парното од деловните корисници.
„Ова го правиме за да им помогнеме и на општините и на државните институции и на деловните корисници да им се намалат нивните трошоци за топлинска енергија, бидејќи реално, тие го понесоа најголемиот товар во текот на енергетската криза и на некој начин тие со повисоката цена којашто ја имаа од домаќинствата ги субвенционираа стабилните цени за топлинска енергија во градот Скопје“,
рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.