Јавно достапните документи на официјалната веб-страница на Трговскиот регистар на Бугарија покажуваат дека „Јулија КО“, каде што директорот на АНБ, Бојан Христовски, тврди дека полагал и добил ТОЕФЛ-сертификат во 2022 година, нема никакви приходи од 2017 година наваму. Ако спроведувала тестирање и издавала ТОЕФЛ-сертификати во 2022 г., „Јулија КО“ ќе морала да пријави приходи
Дополнително, фирмата „Јулија КО“ не е на списокот на компании кои според упатството на Агенцијата за администрација од 2019 г. се посочени како центри во кои може да се полага ТОЕФЛ-тест во соседството. Директорот на АНБ, во интервју за „360 степени“, кога тврдеше дека ги исполнува условите, се повика и на „документ од 2019 година“, издаден од претходната власт, а кој покажувал кој вид на тест и во кој град може да се полага за да се докаже познавање на англиски јазик
Компанијата „Јулија КО“ од Пловдив, Бугарија, каде што директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, тврди дека полагал и се стекнал со ТОЕФЛ-сертификат во 2022 година, нема пријавено приходи до бугарскиот трговскиот регистар по 2016 година. Тоа го покажуваат записите на официјалната интернет-страница на бугарскиот трговски регистар.
Што значи тоа?
На средината на 2020 година Јулија Иванова Тодорова поднела Изјава (Декларација) дека фирмата не и остварила приходи во текот на 2019 година. Исти изјави (декларации) се поднесени и за претходните две години.

По оваа декларација од 2020 година, „Јулија КО“ нема поднесено ниту годишна сметка во која ќе прикаже приходи ниту, пак, изјава (декларација) дека нема приходи. Според измените во бугарскиот Закон за сметководство, кои стапиле во сила на 1 јануари 2020 година, ако некоја компанија има поднесено изјава (декларација) дека нема приходи од 2020 година па наваму, а во следниот период нема остварено приходи, нема потреба секоја година да поднесува нова изјава (декларација) дека нема деловна активност.

А бидејќи „Јулија КО“ нема поднесно ниту нови годишни сметки ниту нови изјави (декларации) дека не остварува приходи по 2020 г., се стигнува до заклучокот дека компанијата, практично, не работи од 2017 година па наваму, односно дека формално постои, но не остварува никакви приходи штом не ги пријавува до бугарскиот трговски регистар. А, ако нема официјални приходи, тогаш не е возможно кој било во меѓувреме да полагал ТОЕФЛ-тест кај нив бидејќи во спротивно ќе имале некакви приходи од клиенти кои ќе морале да ги пријават.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, во својата биографија тврди дека полагал и добил ТОЕФЛ-сертификат од „Јулија КО“ во 2022 г., една од годините за кои компанијата не пријавува дека има приходи, односно ја користи декларацијата од 2020 г. дека нема остварено приходи во меѓувреме.
„Јулија КО“ ја нема и на македонската листа
Дека сертификатот на директорот на АНБ издаден од „Јулија КО“ е со сомнителна вистинитост покажува уште една околност. При гостувањето на „360 степени“ на 24 октомври 2024 година, директорот Бојан Христовски ја даде следната изјава:

„Одговорно тврдам дека ги исполнувам сите законски услови за именување на оваа позиција. Имам сертификат за англиски јазик како што е и наведен во биографијата на Факултетот за безбедност…“
„360 степени“: Може ли да ве прашам за ТОЕФЛ-сертификатот – зошто во Пловдив сте полагале, а не во Скопје?
„После ова интервју, доколку сакате, сметате и имате потреба од тоа, ќе ви дадам документ којшто е издаден во 2019-тата година од, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработните во државната администрација којшто точно покажува кој вид на тест од трите светски јазици којшто се говорат и се потребни во држава, кој вид на тест и во која држава и во кој град може да се полага… тој тест е положен во 2022 година, а не сега и беше најбрз начин како да дојдам до таа диплома бидејќи таму имаше отворен термин“,
одговори Бојан Христовски во неодамнешното интервју за „360 степени“.
Тој алудираше на тоа дека државата има документ на ентитети и тестови кои може да се полагаат за да се докаже познавање на странски јазик и дека неговиот сертификат е во согласност со тој државен документ донесен во 2019 година.
„360 степени“ дојде до „Упатство за спроведување на фаза 1 – административна селекција во делот на проверка на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија“ од декември 2019 г. Во документот има листа на признаени тестови и испитни центри во земјава и регионот.
Го има и Пловдив, каде што се наоѓа „Јулија КО“, но единствениот овластен испитен центар е друго правно лице кое нема никаква врска со „Јулија КО“. Станува збор за приватното училиште „Класик“.

Ова е само уште една индикација дека во „Јулија КО“ не се спроведувало ТОЕФЛ-тестирање. А дека сертификатите од фирмата се сомнителни покажа и пресуда на Основниот кривичен суд во Скопје од почетокот на месецов кога две директорки на јавни институции признаа вина дека приложиле фалсификувани ТОЕФЛ сертификати од „Јулија Ко.“ и беа осудени на условни казни затвор. Кривичните пријави им ги поднесе МВР.
Министерството за внатрешни работи, сепак, не отвори постапка да го истражи сертификатот на директорот на АНБ, како во претходните случаи. Но, постапка отвори ОЈО Скопје, откако до нив стигна анонимна кривична пријава.
Екипа на „360 степени“ беше во Пловдив, Бугарија. Не ги најдовме газдите на „Јулија КО“ на ниту една од адресите поврзани со таа фирма. Сите ни кажуваа дека се иселиле од земјата. Во едно училиште за странски јазици во градот ни кажаа дека првпат од нас слушаат дека ТОЕФЛ-сертификат се полагал во фирма наречена „Јулија КО“. Знаеја само дека ТОЕФЛ во Пловдив се полага во училиштето „Класик“, како што пишува и во македонското упатство од 2019- година.