Финансиската полиција поднела кривична пријава и против уште едно физичко лице, сопственик и управител на правен субјект од Скопје, за сторено кривично дело давање поткуп
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот директор на на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Пеце Мирчевски, за сторени кривични дела примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата. Финансиската полиција поднела кривична пријава и против уште едно физичко лице, сопственик и управител на правен субјект од Скопје, за сторено кривично дело давање поткуп.
„Првопријавениот П.М, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од 09.06.2021 година заклучно со 13.6.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П. и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија“,
се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Дополнително, Мирчевски свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и со свој потпис овозможил да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот законик.
„Првопријавениот П.М, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во период од 01.01.2022 заклучно со 13.06.2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист во вид на хотелски сместувања, авиобилети за реализирани патувања, изнајмување на рентакар возила за приватни потреби и цели како и исплатени дневници за службени патувања во вкупен износ од 1 792 859 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и го сторил кривичното дело проневера во службата по член 354 став 1 од Кривичниот законик“,
информираат од Финансиската полиција.
Првопријавениот П.М, исто така, додаваат од Финансиската полиција, во својство на директор на СОЗР и во својство на одговорен менаџер на авиослужбата при СОЗР, иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, со несовесното вршење на своите овластувања и должности, му овозможил на лицето во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година од СОЗР да му биде исплаќан месечен надоместок врз основа на плата во својство на капетан-водач на воздухоплов, на кој начин првопријавениот овозможил лицето да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 3 444 615 денари, а на штета на Буџетот и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно работење во службата по член 353-в став 2 од Кривичниот законик.