Аргентинецот вели дека има многу години до следното Светско првенство и не верува дека ќе може да издржи
Капитенот на Аргентина, Лионел Меси, најави дека финалето на Мундијалот во Катар в недела ќе биде неговиот последен натпревар на светските првенства.
„Многу сум среќен што го завршувам моето патување на светските првенства во едно финале. Тоа е навистина многу радосно… Има многу години до следното Светско првенство. Мислам дека нема да можам да го направам тоа. Да се заврши на ваков начин е брилијантно“,
вели Меси.
Тој сега има 35 години, а на следниот Мундијал кој за четири години треба да се одржи во Канада, Мексико и САД ќе има 39 години.
Мундијалот во Катар е петти на кој настапи Аргентинецот, но никогаш досега не ја освоил титулата. На патот до тронот, во ова финале на Аргентина ќе ѝ застане Франција или Мароко кои вечерва ќе се соочат во второто полуфинале. Во првото што се одржа вчера, Аргентина ја порази Хрватска со 3:0.