„Ако некој е посочен како корумпиран, тогаш постапките треба да се водат со целосна транспарентност и праведност, без разлика на тоа дали станува збор за високи судии или други јавни функционери. Нашите меѓународни партнери можат да дадат важни информации и да ни помогнат во откривањето на коруптивните активности, но на крајот, на нас е да ги преземеме неопходните мерки и да осигураме дека правдата ќе се спроведе“, вели министерот за правда во интервју за порталот „Локално“
Новите имиња кои се најдоа на американската „црна листа“, меѓу кои и на судија од Апелацискиот суд Скопје, е сериозен сигнал кој не може да се игнорира, вели министерот за правда, Игор Филков во интервју за порталот „Локално“ и додава дека корупцијата, особено во судството, е еден од најголемите предизвици за демократските институции и владеењето на правото.

Судијата Енвер Беџети, заедно ексвицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Артан Груби лани на 9 декември беа ставени на непопуларната „црна листа“ на САД, поради вмешаност во значителна корупција. Двајцата, според американските власти, примиле мито за да застари предметот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Ден по објавата на американскиот Стејт департмент, Јавното обвинителство на РС Македонија оформи предмет во врска со наводите на Вашингтон.
Низата скандали, обвиненија за корупција и сомневања за политичка вмешаност, според министерот за правда, се сериозен проблем кој ја подрива основната фунцкија на правосудството како независен и непристрасен орган.
„Во однос на прашањето дали ќе продолжи праксата нашите западни партнери да посочуваат лица вклучени во корупција, а тука да не се преземаат постапки, мора да истакнам дека е многу важно да имаме независни и ефикасни институции кои ќе ги испитуваат и процесуираат овие случаи. Нема да има напредок во борбата против корупцијата ако не постои волја од страна на домашните институции да се преземат конкретни мерки и да се санкционираат оние кои ги прекршуваат законите. Паралелно, треба да признаеме дека меѓународните партнери играат значајна улога во поддршка на нашите напори и ја користат својата позиција за да истакнат каде се проблемите“,
вели Филков во интервјуто.
Наша одговорност, вели тој, е да изградиме силни механизми за правосудството и да обезбедиме дека никој, без разика на својата позиција или статус, не е изземен од одговорност.
„Ако некој е посочен како корумпиран, тогаш постапките треба да се водат со целосна транспарентност и праведност, без разлика на тоа дали станува збор за високи судии или други јавни функционери. Нашите меѓународни партнери можат да дадат важни информации и да ни помогнат во откривањето на коруптивните активности, но на крајот, на нас е да ги преземеме неопходните мерки и да осигураме дека правдата ќе се спроведе“,
наведува министерот.
Во врска со реформите во Судскиот совет, министерот за правда, вели дека по завршувањето на јавните расправи на оваа тема, следниот чекор е да се разгледаат сите забелешки и предлози кои беа дадени од страна на учесниците – претставници на фелата, експерти, граѓанските организации, како и јавноста.
„Во следната фаза, сите коментари и сугестии кои беа дадени за време на јавната расправа ќе се анализираат од Министерството за правда и од стручни тела. Врз основа на тоа ќе биде изготвен финален предлог кој ќе вклучува можни измени или дополнувања на предложените реформи за Судскиот совет. Овој процес ќе се одвива во консултација со правниците и експертите за правосудни реформи, за да се обезбеди дека се исполнети сите правни и етички стандарди“,
посочува Филков.
Во интервјуто, ресорниот министер говори и за состојбата во затворите за која вели дека е навистина алармантна и бара итни системски мерки за подобрување.
„Како министер за правда, ја препознавам сериозноста на овие предизвици и имаме јасен план за подобрување на состојбата во затворската систем. Нашиот план вклучува системски реформи, инвестиции во инфраструктура, здравствена грижа, како и проширување на програмите за ресоцијализација…Сметам дека треба да работиме на подобрување на алтернативните санкции. Некои казни треба да бидат заменети со алтернативни каде што е можно. Недостигот на медицински персонал е сериозен проблем. Ќе се работи на привлекување на повеќе медицински персонал во затворите, како и на подобрување на условите за нивната работа“,
вели тој.

За измените во Кривичниот законик (КЗ) што беа направени во септември 2023 година, Филков вели дека навистина биле контроверзни и сосема е разбирливо што предизвикале бура од реакции.
Изготвувањето на новиот Кривичен законик, министерот информира дека е завршено, преведен е на англиски јазик, а подготвени се и коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23.
„Новиот КЗ треба да биде усогласен со европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупција. Целото наше законодавството ќе биде усогласено со важечките директиви и меѓународни конвенции“,
вели министерот за правда.