Бев уверен дека постапувам согласно законот, дека нема апсолутно никакви прекршувања и доколку се утврди спротивното се извинувам за ненамерниот превид, вели министерот за здравство, Венко Филипче во допис до медиумите во врска со возилото кое Министерството го добило на користење од Агенцијата за разузнавање (АР), а со кое тој на 28 јуни беше во работна посета во Штип, после што присуствуваше и на партиска трибина на коалицијата „Можеме“.
За ова ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговор до Антикорупциската комисија од каде денеска соопштија дека ќе поткренат иницијатива за утврдување на одговорност.
„Ја информирам јавноста дека на споменатиот датум во Штип бев во посета на штипската болница која од почетокот на корона кризата функционира како регионален ковид центар, а посетив и една градинка во градот. На настанот дојдов со возило кое на почетокот на кризата Министерството за здравство го доби од Агенцијата за разузнавање со договор за користење, а не со службено возило на министерството. По завршување на дневните обврски пред заминување за Скопје, во својство на Претседател на здравствената комисија на СДСМ бев на настан на кој ја презентирав здравствената програма на коалицијата ’Можеме‘“,
вели Филипче.
Ниту пред, ниту по Штип, додава тој, не сум користел службено возило за никакви други цели освен за работните обврски во министерството.
Образложение за ова тој најави дека ќе достави и до премиерот Оливер Спасовски.
„Сите посети на јавно здравствените установи низ земјата во овој период се во насока на согледување на состојбите во установите, начините на кои тие се справуваат со корона кризата, предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници и можностите за унапредување на целокупниот здравствен систем во справување со ковид-19“,
пишува министерот во дописот.