Филипче вели дека е добро што има линеарно зголемување на заболените, а не висок раст, но останува воздржан и упатува јасна порака дека бројот на заболени и починати ќе расте, како во светот, така и во нашата земја
На 26 февруари годинава беше регистриран првиот случај на коронавирус во Македонија. Пациентката која дојде од Италија беше хоспитализирана на Инфективната клиника до 16 март, кога доби негативен тест и со добра клиничка слика беше пуштена на домашно лекување. Но, еден месец подоцна, вкупната бројка на заболени во државава се искачи на 259. Денеска се регистрирани нови 18 случаи. Најголем број новозаразени во последното деноноќие има во Штип – вкупно 6, Скопје и Велес имаат по 3 нови случаи, Струга 2, а Струмица, Дебар, Тетово и Гевгелија по еден. Две лица на возраст од 31 и 91 година во последното деноноќие починаа.

Од пациентите што се на болничко лекување ниту еден не е на респираторна машина. Седуммина се со потешка клиничка слика, а други седуммина се на чекор до заминување на домашно лекување. Сите заболени кои се лекуваат дома се во добра состојба. Филипче вели дека е добро што има линеарно зголемување на заболените, а не висок раст, но сепак останува воздржан за ситуацијата и упатува јасна порака дека бројот на заболени и починати ќе расте, како во светот, така и во нашата земја.
„Пред нас е најтешкиот период – период во кој бројот на заболени ќе расте во светот, ќе расте и кај нас. Ни претстои период, за жал, во кој ќе расте и бројот на починати, за ова сите мораме да бидеме свесни. Денеска имаме и еден млад човек којшто почина. Ова е доказ дека вирусот не штеди никој – никој не е имун ниту е заштитен од него. Сите оние кои досега можеби не беа убедени во опасноста од вирусот и од оваа болест, сега верувам дека им е целосно јасно дека ова е многу сериозна закана. Навистина, мораме сериозно да се однесуваме кон неа, нема да биде лесно. Затоа, сакам да упатам апел сите да ги почитуваат препораките, да не се шири паника, да се однесуваме максимално претпазливо и одговорно поради тоа што ова зависи од секој успех, оваа борба зависи од секој еден од нас“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Министерот вели дека се додека има приближно еднакво зголемување на бројот на заразени, системот има можност соодветно да ги прими, да ги амортизира сите пациенти, без притоа да бидат оптоварени капацитетите. Тој потсети дека од следната недела во случај на потреба на располагање ќе биде и мобилната болница поставена веднаш до Инфективната клиника во Скопје, со капацитет од 130 легла.