Во овој момент се тестираат дополнителни 35 лица, а резултатите ќе бидат споделени во јавноста веднаш по нивното добивање, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата во Владата.
Тој ги повтори информациите, кои претходно ги сподели на социјалните мрежи, дека до 16 часот во земјава има 6 нови заразени пациенти, меѓу кои и четиригодишно девојче од Штип. Со тоа вкупната бројка на заразени во земјава се искачи на 48 лица.
„Сите пациенти се стабилни во непроменета клиничка слика, како на Клиниката во Скопје така и во Дебар, пациентката која е на машина за дишење е со стабилни витални параметри, нема знаци за влошување на состојбата. Денеска е направена домашна визита на сите кои се на домашно лекување, дадено им е алгоритам по кој треба да се однесуваат исто како за самоизолацијата, така и за лекувањето“,
рече министерот.
Инаку, девојчето од Штип кое е меѓу новозаразените е сместено во Клиниката за инфективни болести во Скопје, заедно со нејзината мајка и министерот рече дека за овој случај се проширува епидемиолошката анкета и ќе се земат дополнителни брисови и материјали од други лица.
Девојчето се инфицирало во градинка во Англија. Семејството се вратило во земјава на 14 март и било во домашна изолација бидејќи знаеле дека во градинката имало заразено дете. На тестирање се јавиле вчера, два дена откако девојчето ги почувствувало првите симптоми.
Од останатите нови случаи, три се регистрирани и во Дебар, а тестовите се направени во рамките на скринингот. Во Скопје е регистриран еден случај и станува збор за пациент кој бил во контакт на претходно дијагностицираните. Шестиот случај е во Гостивар. Се работи за жена вратена од Швајцарија која била во домашна изолација. На тестирање се јавила сама, а на епидемиолошката анкета навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија.