Во поглед на евроинтеграциите и прашањето со уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, лидерот на СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш немала ниту план ниту концепт како да се добијат подобри услови во преговорите. Тој ги предизвикува премиерот Мицкоски и шефот на дипломатијата Муцунски да го постават прашањето за одложено дејство на уставните измени и да достават поддршка од членки на ЕУ во Собранието, по што, како што вели, СДСМ тој предлог ќе го поддржи
Владата на Христијан Мицкоски доживува дебакл во делот на надворешната политика бидејќи ниту има, а ниту имала каков било план за дејствување. Гледаме само обиди за блокирање на клучни инфраструктурни европски проекти, како на пример, коридорите и целосно отсуство на идеја и желба за продолжување на евроинтеграциите, оценува во интервју за „Прес 24“, лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Како пример за дебаклот во надворешната политика, Филипче ги наведува конфузните изјави на премиерот и дел од министрите во врска со Коридорот 8 и пругата кон Бугарија.
„Имено, прво премиерот излезе со став дека ќе бара пренамена на средствата од ЕБОР и ЕИБ за т.н. брза пруга на Коридорот 10, односно пругата од Табановце до Гевгелија. За потоа министерката за финансии јавно да потврди дека пренамена на средствата не може се случи. Притоа, и двајцата сокрија дека ако се прекине пругата кон Бугарија ќе пропаднат и над 200 милиони евра грант, значи неповратни средства од ЕУ“,
посочува Филипче.
За да биде конфузијата уште поголема, додава тој, единственото нешто со што се пофалила власта од Самитот на НАТО во Вашингтон било писмото за намери потпишано од министерот за одбрана Владо Мисајловски со неговите колеги од Италија, Албанија и Бугарија, за Коридорот 8 како стратешки НАТО-коридор.
„Не јас, не некој министер на СДСМ, актуелниот министер за одбрана се пофали дека тоа е првиот меѓународен документ потпишан од оваа влада. И ова не е сè. На крајот стигна дообјаснување од министерката за финансии дека таа разговарала со ЕБОР и ‘гордо’ им рекла дека тие се за НАТО, ама давале предност на Коридорот 10, пред Коридорот 8. Ова се финишира во еден смешен обид за спин на премиерот кој вели дека некој му барал мито, но обвинителството и ДКСК немаат пријава од него, иако рече дека пријавил“,
вели лидерот на СДСМ.
Според Филипче, Мицкоски на 16 септември во Брисел ќе го потпише Планот за раст, кој патем, како што нагласува, е 99 отсто истиот што го подготвила Владата на СДСМ, ќе го продолжи Коридорот 8 и ќе потпише дека нема да се распуштаат советите на обвинители и судии.
Во поглед на евроинтеграциите и прашањето со уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, лидерот на СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш немале ниту план ниту концепт како да се добијат подобри услови во преговорите. Тој ги предизвикува премиерот Мицкоски и шефот на дипломатијата Муцунски да го постават прашањето за одложено дејство на уставните измени и да достават поддршка од членки на ЕУ во Собранието, по што, како што вели, СДСМ тој предлог ќе го поддржи.
„Проблемот е што пред изборите, сакајќи да им се додворат и на оние граѓани кои сметаат дека треба да продолжат евроинтеграциите, лажеа дека знаат како со мудра дипломатија да дојдат до подобри позиции. Една голема лага, секако, како и на многу други теми. Тие не велеа ние ќе ги напуштиме преговорите. Не велеа ако ЕУ не се согласи на промена на Преговарачката рамка ние не мора да одиме во ЕУ. Не. Велеа дека тие имаат капацитет да обезбедат подобри услови. И секако тоа нема да се случи. Ние веднаш ќе прифатиме одложено дејство на уставните измени, штом министерот за надворешни Муцунски каже кои тоа земји имаат разбирање за оваа позиција. Еве јавно го повикувам, на затворена собраниска седница да го соопшти тоа, да каже кои се тие земји, колку се, дали би поддржале промена на Преговарачката рамка и ние ќе го поддржиме. Но таква седница нема да има, зошто тоа не може да се случи и тоа и Муцунски и Мицкоски го знаат“,
вели Филиче во интервјуто за „Прес 24“.
Според него, СДСМ имал јасна цел каде сака да ја води државата, а проблемот со ВМРО-ДПМНЕ е што кога партијата е на власт, никој не знае каде се движи државата.
За милијардата од Будимпешта, Филипче вели дека е економско и политичко ропство и финансиска глупост, „нешто што СДСМ не само што нема да го поддржи, туку со сите расположливи демократски средства во Собранието ќе се обиде и да го спречи“. Зад оваа економска соработка со Унгарија, смета тој, стојат коруптивни мотиви, погрешни геостратешки проценки, финансиски интерес на малкумина од власта, „а можеби и враќање на долг кон Орбан кој со години го чува Груевски од прогон“.