Во најскоро време Владата на седница ќе го разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести од утре при влез во Република Северна Македонија за сите граѓани од Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора да биде задолжително да достават ПЦР-тест не постар од 72 часа, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Оваа наша одлука и препорака се должи исклучиво врз основа на податоците коишто ги собиравме изминатите денови, а коишто ни ја прикажаа вистинската епидемиолошка слика во сите овие земји за која што ние сметаме дека е многу полоша од нашата во овој момент“,
изјави министерот за здравство кој беше на симулација на безбедно гласање во организација на ДИК.

Оваа мерка, истакна тој, важи само за граѓаните на овие земји заради тоа сега во овој момент има многу поголем број и нашите граѓани може да заболат од коронавирусот. Доколку тие само транзитираат, тогаш можат да ја поминат границата без ПЦР-тест.
Препораката на Комисијата е донесена утрово на состанокот. Владата сега треба да се изјасни по препораката.