Министерот Филипче денеска призна дека повлекувањето на идејата за промена на полот на товар на Фондот за здравство е резултат на реакциите во јавноста.

„Многу реакции имаше во јавноста вчера и тоа беше причина зошто на некој начин ретериравме. Меѓутоа би сакал да појаснам, не стануваше збор за којзнае колкав број на пациенти. Станува збор за еден човек којшто со години талка низ лавиринтите барајќо помош од повеќе специјалности, заради тоа што тоа е навистина комплексен проблем, не е тоа работа којашто може да се реши преку ден. Многу сериозни земји го разгледуваат овој проблем, приоѓаат на градење на стратегија како да се реши затоа што тоа навистина е медицински проблем, но еве ќе потенцирам, навистина имаше големи реакции, во јавноста, ние сме демократија, ги прифаќаме, сметаме дека е легитимно да ретерираме и ете тоа беше причината“, изјави министерот Филипче на националната конференција „Финансиските импликации за обезбедување достапни и пристапни специјализирани сервиси за жртви на родово засновано и семејно насилство“ што ја организира Х.Е.Р.А.
Коалиција Маргини и Трансформа згрозени од степенот на омраза и трансфобија во јавноста

По вчерашната најава дека Фондот ќе ја покрива операција за промена на полот кај пациенти кои имаат таква потреба и се што се случуваше потоа, денеска реагираа организациите „Трансформа“ и „Коалиција Маргини“. Во нивното соопштение велат дека се згрозени и од реакциите и од незнаењето на домашната јавност.
„Како организации кои со години работиме посветено на застапување за правата на трансродовите лица, вклучително и здравствените права, како и на спроведување на истражувања, анализи и препораки поврзани со правното признавање на родот, искуствата на трансродовите лица, нивните репрезентации, и состојбата во здравствениот систем поврзана со медицинското потврдување на родот, Коалицијата МАРГИНИ и Трансформа сме вознемирени и згрозени од степенот на омраза, трансфобија, но и свесни за незнаењето со кое јавноста реагираше на информацијата споделена од Министерот“, стои во соопштението.
Тие додаваат дека најостро ја демантираат, како што велат, дезинформацијата дека операциите за потврдување на родот се обичен хир, каприц или естетска хируршка интервенција.
„За дел од трансродовите луѓе ваквите операции се неопходен услов за ментално здравје и за да продолжат да живеат поднослив и достоинствен живот. Светските статистики во оваа насока се поразувачки, за што говори процентот на транс луѓе кои извршиле обиди за самоубиство (скоро 50 проценти). Дополнително, а следствено, целосно е неоснована хистеричната реакција дека паѓа голем товар врз ФЗОМ што би се рефлектирало или би го ускратило правото на здравствена заштита на други групи на пациенти. Средствата и бројката на луѓе кои годишно би побарала ваква медицинска услуга е толку мала што може да се спореди со статистичка грешка“, велат во соопштението.
Ветувањето на министерот за здравство, дека од сега држвата ќе ја плаќа операцијата за промена на пол на заинтерсираните трансродови лица, издржа само неколку часа. Социјалните мрежи беа преополни со негативни и со навредливи коментари. Свои ставови „против“ истакнаа и низа јавни личности и носители на функции. До полноќ, министерството се дообјасни дека операцијата за промена на полот нема да биде на државен трошок.