Лицата што ќе бидат ангажирани за спроведување на пописот ќе бидат дел од приоритетните групи за вакцинација против ковид-19. Списокот со попишувачи заинтересирани за вакцинација треба да го направи Државниот завод за статистика и да го достави во Министерството за здравство, рече денеска министерот Венко Филипче.
„Направивме план попишувачите да влезат во приоритетните групи. Државниот завод за статистика зеде обврска да прати список за попишувачи кои сакаат да се вакцинираат од тие 5 050 кои се веќе пријавени да бидат попишувачи и тој список го очекуваме во текот на денот“,
изјави министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарски прашања.
Филипче рече дека има простор попишувачите да се вакцинираат бидејќи, како што рече, се работи за важен процес во земјава и додаде дека се потребни две недели за да се развие имунитет. За евентуално одложување на пописот, Филипче посочи дека е тоа е политичка одлука.
„Сметам дека е битен процес за земјата, а за одложувањето нека биде тоа политичка одлука. Од стручен аспект гледано, треба период од две недели за да се развие имунитет“,
рече Филипче.