Информациите од банките, како што рече Филипче, се дека веќе не можат да примаат апликации на компаниите за пари од кредитот од Унгарија, поради тоа што Владата нема да ги исплати кон нив парите, како и тоа дека бројот на апликации е сосема мал
Премиерот Мицкоски одговарајќи на прашањата од Филипче рече дека опозицијата може сешто да каже, но оти за сè што е кажано треба да постојат докази

Ја прашувам Владата дали навистина парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат за друга намена. Ова е прашањето што лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, го упати од денешната прес-конференција додавајќи дека до нив стигнуваат информации од повеќе банки и компании.
„Македонските компании требаше да добијат финансиска поддршка од унгарскиот кредит, меѓутоа засега нема никакви податоци за негово ефикасно делење и спроведување, дотолку повеќе што до нас стигнуваат информации за кои сметаме дека Владата треба да одговори, а тоа е дека парите што беа наменети за компаниите од унгарскиот кредит практично се потрошени за друга намена“, рече Филипче.
Според него, затоа е сменет и Законот за работа на банките, со кој по првпат на Македонската банка за развој ѝ се дозволува да се задолжи директно во буџетот, а не кај меѓународни финансиски институции како што било случај досега.
„Тоа значи дека сите компании што ќе аплицираат за таков кредит со ниска каматна стапка ќе бараат пари, односно Владата ќе бара да ги задоволи потребите директно од буџетот, веројатно и од други извори, а не од тој унгарски кредит што требаше да биде наменет за таа работа“, додаде Филипче.
Информациите од банките, како што рече Филипче, се дека веќе не можат да примаат апликации на компаниите за пари од кредитот од Унгарија, поради тоа што Владата нема да ги исплати кон нив парите, како и тоа дека бројот на апликации е сосема мал.
„Нашите информации од компаниите и од банките го говорат тоа, Владата треба да каже дали е вистина“, рече Филипче на прес-конференцијата.
За кратко време, по прес-конференцијата на Филипче, одговор на прашањето стигна од премиерот Христијан Мицкоски, кој беше во посета на Неготино, од каде што даваше изјави за медиумите.
Неговиот одговор беше оти средствата обезбедени преку кредитните линии од Унгарија се трошат наменски.
„Владата има донесено уредба со која точно се дефинирани начините како можат да се користат тие средства, така што нема основа за шпекулации за нивно ненаменско трошење“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека опозицијата може сешто да каже, но оти за сè што е кажано треба да постојат докази.
„И да сакаме – не можеме, Владата донесе уредба, одредени се начините како можат да се трошат средства од кредитот“, рече тој.
Според Мицкоски, интересот за средствата обезбедени преку кредитните линии од Унгарија е исклучително голем. Информациите со кои рече дека располага, а кои на дневна основа ги добивал од министерката за финансии, се дека само една од банките има побарувања во износ од 180 милиони евра за финансирање проекти.
„Кога ќе ги собереме сите банки, тој износ изнесува повеќе од 350 милиони евра, што значи дека и овие 250 ќе бидат малку. Можеби ќе треба повторно да ги користиме нашите пријатели и сојузници надвор од Македонија за нова кредитна линија по ултраповолни услови. Гледаме дека ова е начинот како да го развиваме стопанството“, рече тој.
Договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан во октомври во Будимпешта. Кредитот е во висина од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие влегоа како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра се насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти, односно за финансирање на проектите на општините.
Средствата станаа оперативни откако Владата на седница на 28 јануари годинава донесе одлука за нивно ставање на располагање на компаниите.
Следниот чекор, како што рекоа, е Развојната банка да ги добие средствата од буџетот кои ќе бидат пренесени во комерцијалните банки и да може да почне пласманот на средствата кај компаниите кои ќе аплицираат.
Компаниите ќе имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период до три години. Каматната стапка ќе изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност, а во целиот проект се вклучени сите 13 банки.
Потпишувањето на договорот следуваше по усвојувањето на Законот за задолжување кај Унгарската експорт-импорт банка во македонското Собрание на 17 септември минатата година. Два месеца претходно заемот беше договорен од страна на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.