Како можен кандидат за лидерската позиција во СДСМ се споменуваше и актуелниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, но досега за ова нема официјална потврда
Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, денеска се очекува да ги поднесат своите кандидатури за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Како можен кандидат за лидерската позиција во СДСМ се споменуваше и актуелниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, но досега за ова нема официјална потврда.
Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до утре. Право да поднесат претседателска кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите, меѓу кои, да имаат најмалку петгодишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од партискиот конгрес за член на некој од органите на партијата.
Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски кој по поразот на двојните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. В недела, на 9 јуни, социјалдемократите ќе одржат отчетен конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.