„Приклучувањето кон НАТО ја зацврсти нашата национална безбедност, ја подобри нашата меѓународна позиција и отвори нови можности за економски раст и развој. Преку членството во НАТО, СДСМ ја потврди и посветеноста на партијата на развојот, демократските вредности, трајниот мир и безбедноста“, вели лидерот на СДСМ
Патот до членството во НАТО не беше лесен, бараше решителност, стратешка визија и храброст да се донесат одлуки за доброто и иднината на граѓаните. Социјалдемократскиот сојуз презеде одлучни чекори во оваа насока, уште со Преспанскиот договор во 2018 година, а 600 илјади граѓани на референдум го потврдија правилниот пат кој го одбра СДСМ.

Ова денеска на неговиот фејсбук-профил го напиша лидерот на СДСМ Венко Филипче, посочувајќи дека во 2020 година, благодарение на посветеноста и одлучноста на СДСМ, како што вели, Северна Македонија станала 30. членка на НАТО.
„Со тоа, земјата ја реализираше една од најважните стратешки цели која стоеше во програмите на сите политички партии од 1990 година, па наваму. Денес сме безбедна и стабилна држава значајна и рамноправна членка на Алијансата“,
рече тој.
Според него, одлучноста Северна Македонија да застане рамо до рамо со водечките светски демократии, како што вели Филипче, денес изгледа поважно од кога било. Во услови на војна на европска почва и светска нестабилност, додава тој, нашите граѓани можат да се чувствуваат безбедно, зашто, како што вели, сме дел од најмоќниот воен сојуз во светот.
„Приклучувањето кон НАТО ја зацврсти нашата национална безбедност, ја подобри нашата меѓународна позиција и отвори нови можности за економски раст и развој. Преку членството во НАТО, СДСМ ја потврди и посветеноста на партијата на развојот, демократските вредности, трајниот мир и безбедноста“,
напиша тој.
Владата, како што вели лидерот на СДСМ, е должна да работи кон понатамошно унапредување на односите со Алијансата и земјите партнери, во како што додава, градење на цврста и долгорочна соработка.
„СДСМ останува посветена на носење одлуки кои служат за најдобар интерес на нашата нација. Ние веруваме дека само преку стратешко планирање, одлучност и ставањето на доброто на сите пред партиските интереси може да се надеваме на просперитетна иднина“,
рече претседателот на СДСМ.
Од денеска до четврток во Вашингтон се одржува самитот на НАТО по повод одбележување на 75 години од формирањето на воената алијанса. Главни теми на годинашниот самит на НАТО се обезбедување сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање на членките на Пактот и зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.
На самитот учество зеде и македонска државна делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Во составот на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.