Испишавме историја, порача министерот за здравство Венко Филипче по првата трансплантација на срце која доцна синоќа беше изведена на Клиниката за кардиохирургија во Скопје.
Филипче изрази сочуство и благодарност до семејството на донорот Емилија Динева и изрази надеж дека ова ќе биде силна порака за важноста од дарување органи.
„Еден чин, еден акт, една организација, предоперативна примена, оперативна интервенција, и постоперативен тек што сите нас овде не прави сите нас овде многу горди. Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин на човекољубие на алтруизам поради тоа што семејството Диневи пред неколку дена ја загубија својата сакана мајка и сопруга и после дијагностицирањето на мозочната смрт, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите на починатата“,
порача Филипче.
Тој рече дека срцето на Емилија Динева сега чука во телото 54 годишниот пациент и изрази надеж дека организмот нема да го отфрли новото срце. Успешна трансплантација посака и за другите двајца пациенти на кои им беа донирани бубрези.
„Кардиохиругијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ. До вчера не бевме моќни да го спасиме животот на Иван Огњановски и тој самиот, медицинските тимови беа свесни дека ги живее последните денови, но со овој чин на алтруизам на семејството Диневи, на Миле, Влатко и Викторија, со нивна согласност, срцето на нивната сакана сега чука тука во градите на Иван и тој го почнува неговиот втор живот“,
рече министерот.
Министерот им честиташе на сите припадници на тимот, кои како што рече со огромна доза на ентузијазам, пожртвуваност и висока професионалност покажале како се работи за да се спаси човечки живот.
„За првпат се обединија знаењата, капацитетите, искуството и експетизата на тројцата наши врвни кардиохирурзи, проф. д-р Сашко Јовев од државната Клиника за кардиохирургија, академик Жан Митрев од Клиниката „Жан Митрев“ и проф. д-р Александар Николиќ од Клиниката Аџибадем Систина, којшто покажаа дека здравјето на граѓаните е на прво место и етиката и хипократовата заклетва ги надминуваат сите разлики“,
изјави Филипче.
