Во изминатиот период нема новооткриени случаи на коронавирус, а во овој момент се тестираат седум лица, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
„Во овој момент се тестираат седум пациенти, три се лица од Дебар кои имаат симптоми. Двајца пациенти се тестираат преку Центарот за јавно здравје во Штип и двајца на Инфективната клиника. Овие четири пациенти изминатиот период патувале во Австрија или Германија“,
рече Филипче.
Првата пациентка кај која беше откриен коронавирус денеска е пуштена на домашно лекување.
Како што информираше министерот, контролната слика на белите дробови покажале дека таа нема значајни последици, а лицата што биле во контакт со неа се тестирани и се негативни.
Осумнаестте пациенти кои во моментов се лекуваат од коронавирус, рече министерот, се во стабилна состојба. Меѓу нив е и жената од Дебар која е на апарати за дишење, за која Филипче потенцираше дека е стабилна и прима соодветна терапија.
Дополнително, во општините Дебар и Центар Жупа каде што е прогласена кризна состојба, рече министерот, ќе се прават дополнителни анализи и проверки.
„Станува збор за една форма на скрининг, согласно светски искуства, дури и на луѓе за кои не сме сигурни дека биле во контакт со заболени и за луѓе за кои се сомневаме. Ја прошируваме бројката на луѓе. Очекуваме денеска да стигнат помеѓу 40-50, дури и 80 луѓе се со цел детално да се скенира овој регион“,
рече министерот.