Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна
Новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат во втората фаза од процесот за имунизација, посочил министерот за здравство Венко Филипче на средбата со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници (ССНМ).
„На средбата се разговараше за важноста новинарите да бидат дел од приоритетните групи за вакцинација против КОВИД-19 поради природата на нивната работа и големиот ризик на изложеност на овој вирус. Министерот Филипче на средбата информираше дека согласно Националниот план за КОВИД-19 вакцинација, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек“,
се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Според Националната стратегија за имунизација, во првата фаза треба да се вакцинираат здравствените работници со висок и умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција и лицата над 70 години.
Во втората фаза се опфатени лица на возраст од 65 години и постари, лица на возраст од 18 до 65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход, останати здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција и персоналот за итни служби како полиција, царина, пожарникари, судство, вработени во Собрание, Влада, војска и вработени во образовани институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.

Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и онлајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.
Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство.
Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели.