Министерот за здравство Венко Филипче најави дека по примерот на европските држави, се размислува за воведување рестриктивни мерки за невакцинираните лица онаму каде што има можност за масовни собири. Тоа ќе се случи само ако процесот на вакцинација почне да стагнира.
„Нема да имаме друга можност освен да воведеме некаква форма на рестрикција. За мерките дополнително ќе разговараме со цел да го заштитиме целокупното друго население, а тие мерки ќе се однесуваат на невакцинираните. Ние ќе го штитиме јавното здравје со тоа што би вовеле евентуално такви мерки таму каде што има можност за масовни собири, јавни настани, влез на јавни места. За конкретните мерки ќе разговараме подетално во август. Во овој момент имаме највисока стапка на вакцинација споредбено со многу земји од регионот, па и во овој дел на Европа“,
рече Филипче.
Вакцинацијата на децата и младите нема задолжителна и таа нема да биде услов за следење на наставата, но се размислува за местата каде се појавува ризик за големи собири, без разлика дали станува збор за адолесценти или постари луѓе да важат истите рестрикции.
„Сакаме мерките да се добро осмислени за да се врати животот во нормала“,
вели тој.
Тој рече дека и сега има доволно „Фајзер“ вакцини за малолетните. Секој понеделник стигнуваат меѓу 20.000 до 30.000 вакцини, а од третиот и четвртиот квартал од директниот договор со компанијата ќе пристигнат уште 700 илјади.