Имунизацијата на населението сигурно ќе почне во текот на овој месец, ако се водиме според најавите и на производителите со кои сме во директни преговори, но и според најавите од механизмот Ковакс, вели министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за МРТВ.
„Ги очекуваме вакцините преку системот Ковакс и ги очекуваме и руските вакцини. Имаме иницијална најава од денешните состаноци дека тоа може да се случи викендов. Но, потенцирам дека сега имаме искуство и сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, односно тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно не се случи. И механизмот на солидарност на земјите членки на ЕУ не профункционира токму поради тоа. Австрија, на пример, од планираните 230 илјади дози за јануари, доби 23 илјади. Бугарија бара вакцини од Германија, но веќе во вториот квартал производствените капацитети на фабриките значајно се зголемуваат и мислам дека огромен број земји ќе го решат проблемот со почетокот на имунизацијата“,
појасни Филипче.
Конкретно за „Фајзер“, Филипче рече дека било најавено првите дози да стигнат во февруари, но, поради големиот притисок што компанијата го има за испораките, тие доцнат.
„Тоа ја зафати и нашата земја и во таа смисла во првиот квартал во март најавија околу 20 илјади вакцини, понатаму до 800 илјади вакцини распределени во следните три квартали. Тие се информациите што сега ги знаме и искрено се надевам дека компанијата ќе може да постигне и да го исполни ова што денеска ни стигна како информација. Навистина долго го чекавме договорот, меѓутоа сме исто така свесни дека огромен број земји го прават истото“,
рече Филипче.
Според него, земјава ги искористила сите механизми за набавка на вакцини против ковид-19 и смета дека од страна на властите не е направен никаков административен пропуст. Додаде дека околу 120 земји воопшто не почнале со вакцинација бидејќи во светски рамки постојано се менуваат плановите за достава на вакцини.
„Ние пред неколку недели ја добивме првата количина на вакцини со трипартитен договор помеѓу нас, Србија и компанија ‘Фајзер’ и стигнаа 8 илјади вакцини за кои направивме еден сосема солиден план, а тоа е да се покријат буквално сите здравствени работници кои се на првата линија и имаат најголем ризик да бидат заболени од ковид-19. Во нашата земја на крајот од викендов ќе имаме околу 4 илјади вакцинирани здравствени работници, а од 11 март започнува и ревакцинацијата на здравствените работници кои ја примија првата доза на вакцината“,
рече Филипче.
Министерот истакна дека компаниите во целиот овој период се под огромен притисок од сите земји во светот и дека околу 120 земји воопшто не почнале вакцинација.