Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека голем удел во бројот на новозаразени со ковид-19 периодов се патниците кои доаѓаат од странство, а дали тие се носители на делта-варијантата се утврдува дополнително. Во изјава за „Телма“ рече дека многу е веројатно дека ќе се соочиме со нов бран, но смета дека системот е подготвен да се справи со нов бран.
„Најдобра заштита против коронавирусот и сите досега појавени мутации се вакцините, а ние не можеме вечно да живееме со рестрикции“,
вели Филипче.
Тој уште еднаш повтори дека и покрај порастот на новозаразени, рестриктивни мерки засега нема да се воведуваат. Можни се евентуалните ограничувања на есен и тоа наменети само за невакцинираните граѓани.
„Не може да ни се повтори сликата од лани со сите тие заострени ограничувања“,
вели министерот Филипче.
Министерот е со став дека смртноста е еднаква насекаде во регионот. Уверува дека во болниците се спроведуваат сите протоколи за лекување и дека здравствениот систем и во моментов е подготвен да одговори на евентуален нов бран на зараза.