Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата
Министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за набавка на вакцини против ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“, соопштија од Министерството.
Со договорот Република Северна Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200 000 вакцини кои ќе пристигнат овој месец.
Како што информираат од Министерството за здравство, точниот датум на пристигнување и сите информации поврзани со испораката се очекува да биде утврден во следните денови.
„Почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на ‘Синофарм’, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи. Вакцините од Кина ќе пристигнат во нашата земја на аеродромот во Скопје. Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата. Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина“,
информираа од МЗ.
Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во форма на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација, објаснуваат од МЗ.
„Овој тип вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради што може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по која било основа. Конкретно, за оваа вакцина на ‘Синофарм’, термините за вакцинација во јавните здравствени установи ќе бидат на 10 минути по пациент. Јавните здравствени установи ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво“,
велат од ресорното Министерство/
Според Националниот план за вакцинација против ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид-центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итната помош и други здравствени работници опфатени во првата група од фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години.
„Сите вакцини што се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирана и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови. Воведување на ковид-19 вакцинација ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија. Имунизацијата е силно оружје во борба со коронавирусот, но и покрај тоа здравствените мерки за лична заштита задолжително треба и понатаму да се почитуваат“,
велат од МЗ.