На прашање зошто не се набавува и вакцината од „Модерна“, Филипче вели минималната доза што ја понудиле од оваа компанија е голема за нашите потреби – 2 милиона дози. За вакцината на „Астра Зенека“, пак, министерот вели дека е рано да се каже дека таа навистина имала помала ефикасност кон некоја од мутациите на коронавирусот
Откако денеска министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за набавка на 200 000 вакцини против ковид-19 од Кина, веќе почнаа да се договараат деталите во врска со нејзиниот транспорт. Тој ќе биде авионски, вакцините ќе пристигнат на скопскиот аеродром, но кога точно засега не се знае.
Министерот Филипче вели дека целата таа организација ќе одземе неколку дена, но наскоро ќе информира кога точно ќе пристигнат вакцините.
Тој верува дека со кинеската вакцина може да се постигне одреден степен на колективен имунитет.
„За сите вакцини има различни публикации. Ефикасноста на кинеските вакцини оди од 60 до близу 90 проценти, но мислам дека е сосема доволно за да се постигне саканиот ефект, а тоа е да има одреден степен на колективен имунитет. Тоа што е многу важно е количината со која целосно се покриваат две многу значајни категории – прво здравствените работници, буквално сите, и не само здравствените работници туку и сите нездравствени работници што работат во здравствениот систем и второ, најризичната категорија на возрасни граѓани со хронични болести“,
изјави Филипче.
„Модерна“ понудила најмалку 2 милиона дози
Министерот уверува дека сите развиени вакцини се сигурни бидејќи се развиени на безбедносни платформи и нема простор за сомнеж во нивната безбедност.
На прашање зошто не се набавува и вакцината од „Модерна“, Филипче вели минималната доза што ја понудиле од оваа компанија е голема за нашите потреби.
„’Модерна‘ уште на почеток ни кажаа дека најмала количина за која разговараат е нешто што е навистина многу за нашиот пазар, со оглед дека веќе бевме влезени во Ковакс системот и во преговори со ’Фајзер‘ – понудија најмалку 2 милиони дози. Меѓутоа, отворени сме за апсолутно сите опции, верувам дека после март многу подостапни ќе бидат сите вакцини, полесно ќе одат сите тие разговори и ќе се зголеми достапноста секаде во Европа“,
вели Филипче.
Тој оценува дека одговорот од „Фајзер“ се чека долго време и немаше прецизен одговор дали се планира дополнителна набавка. Тоа, како што рече, ќе се планира согласно одговорот од оваа компанија, а целта е да се обезбеди континуитет, односно да нема прекин во процесот на имунизација.
Во земјата преку механизмот Ковакс во март треба да пристигнат вакцини и од „Астра Зенека“, за која во јавноста излегуваат информации за мала ефикасност против новите соеви на коронавирусот. Меѓутоа, нагласува Филипче, рано е да се тврди такво нешто.
„Вакцината на ’Астра Зенека‘ е вакцина која во делот на клиничките студии во една возрасна категорија имала помалку испитаници, меѓутоа и самиот производител сето тоа го менаџира. Сè уште е рано да кажеме дали навистина има помала ефикасност кон некој од соевите на коронавирусот“,
изјави Филипче.
Што предвидува планот за вакцинација?
Планот за вакцинација е подготвен и тој предвидува дневно да се вакцинираат од 2 000 до 2 500 граѓани. За секој граѓанин што ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора што треба да се прими после 21 ден.
Согласно планот, први се вакцинираат сите лица од најризичната група, која е поделена на две групи – во првата се здравствените работници кои работат во ковид-центри со ковид-пациенти, во втората се сите граѓани над 70 години.
Во втората фаза се вакцинираат лицата постари од 65 години, лица од 18 до 64 со коморбидитети или здравствени состојби со висок ризик, здравствените работници од Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите и другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, критична инфраструктура и новинарите, вработени во образовните институции и градинки.
Во третата фаза останатите преостанати лица од повеќе групи од други важни дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделство, останати вработени во образование во здравство со низок ризик на зараза, лица коишто не можат да одржуваат физичка дистанца и на крајот сите граѓани кои сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
Во текот на оваа недела треба да биде објавена и веб-страницата што ќе биде од информативна природа и на која граѓаните ќе може да се пријават за вакцинација. Пријавувањето ќе се одвива со внесување на личните податоци, граѓаните ќе се идентификуваат и ќе добијат одговор на електронската пошта во кој ќе пишува дека е примена нивната пријава и можат да очекуваат повик од матичен лекар за терминот кога ќе биде закажана вакцинацијата, согласно групата во која спаѓаат.