Дванаесет пациенти денеска се тестираат за коронавирус, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Двајца од нив се со знаци на грип. Тие патувале во Италија и дошле здрави пред 5-6 дена, но утрово пројавиле симптоми. Уште двајца пациенти, еден од инфективното одделение од Штип и еден пациент кој е испратен од Прилеп се на Инфективната клиника. Се тестираат и осум лица од Дебар, соседи на тројцата заболени пациенти со кои имале интензивни контакти.
„Тестови има доволно и капацитетот на Инфективната клиника е доволен. Нема потреба од респираторни машини за пациентите“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе се набавуваат нови тестови или друга опрема.
Сите пациенти што биле во контакт со заболената директорка на Клиниката за кожни болести или со другите претходно заразени се во домашна изолација, но се здрави и засега немаат никакви симптоми.
Филипче најави дека денеска до Владата ќе предложи уште една мерка, а тоа е забрана и за приватни патувања на здравствените работници во следните две недели.
Министерот дообјасни дека по еден родител на дете до 10-годишна возраст може да добие четиринаесетдневно платено отсуство од работа, со потврда издадена од училиштето или градинката и со назнака за времето за кое важи, за да се оправда отсуството. Од работа треба да се ослободуваат и самохраните родители, како и по еден од родителите на лицата со попреченост од дневните центри и ако тие се до 26 годишна возраст. Доколку двајцата родители на дете работат во ист сектор, вклучително и војска, полиција, пртивпожарна заштита и здравство, едниот ќе треба да биде ослободен. Министерството за здравство денеска ќе соопшти и листа на хронични болести врз основа на која вработените треба да се ослободат од работа, а мерките важат и за бремените жени.
„Кој нема да ги почитува мерките може да биде казнет. Напоменувам, мерките важат и за приватните компании и непочитувањето ќе биде санкционира согласно членовите 205 и 206 поради опасност од ширење на заразна болест. Апелирам да се црпат информации од овие прес-конференции, достапни сме во кое било време. Жал ми е што излегуваат лажни вести, и затоа апелирам да не се создава непотребна паника. Пред болестите сме сите исти, апелирам на одговорност, сите да ги почитуваме мерките“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Сѐ уште нема конкретна информација колку автобуси стигнале од ризичните земји, поради осмомартовските екскурзии. Од вчера во сила е и забраната за директни автобуски линии и тоа се спроведува. Филипче вели дека полицијата на граничните премини ги анкетира патниците, а асистираат и волонтери од Црвениот крст. На располагање им се епидемиолозите од локалните центри на јавно здравје.
Досега седум пациенти со потврдена зараза на коронавирусот се на Инфективната клиника. Сите се со стабилна и лесна клиничка слика. Меѓу нив е и жената која беше прва пациентка. Нејзиниот контролен тест сега е негативен и таа во следните денови ќе биде пуштена на домашно лекување.
Филипче повтори дека сите кои патувале во ризичните земји да се пријават и да се спроведе задолжителна четиринаесетдневна самоизолација. Рацете да се мијат често и темелно и да се прави дезинфекција.