Тоа што премиерот го изјави на прес-конференција е многу сериозно, а зачудува тоа што тој изјавува, а ниту една институција за тоа нема информација, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој кажа дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на денешниот собир на просветни работници пред Министерството за образование и наука порача дека обвинувањата кои ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски за наводниот обид за поткуп се сериозни и оти Основното јавно обвинителство треба да отвори постапка. Филипче побара од Мицкоски да ги сподели сите информации до надлежните, и рече дека доколку тоа не се случи, премиерот на некој начин станува директен соучесник во случајот.
„Коридорот 8 е извор на многу дисонантни тонови во Владата. Премиерот излегува со една изјава, министерот за транспорт со друга, министерката за финансии во однос на средствата вели ‘може – не може’ да се пренаменат. Но, тоа што премиерот го изјави на прес-конеференција е многу сериозно. Зачудува што тој изјавува, а ниту една друга институција за тоа нема информација, нема информација ОЈО, нема информација ДКСК“,
кажа Филипче.
Филипче вели дека тој го осудува пристапот на самокористење на владината говорница и испраќањето на пи-ар пораки за вакви сериозни работи, особено што станува збор за проект во кој заем дала и Европската унија.
Премиерот пред неколку дена изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Посочи дека како премиер не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.
„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа“,
рече тој.
Мицкоски истовремено посочи и дека сите институции кои требало да бидат, се информирани за случајот.
Министерот за транспорт Александар Николоски, пак, изјави дека по наводите за поткуп биле повлечени членовите од комисијата за евалуација за изградба на пругата кон Бугарија.
„Остануваме целосно посветени на изградба на пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, но за тоа да го направиме мора да имаме проект кој е изводлив, кој може да се изгради на теренот, проект што може да биде завршен, проект за кој ќе имаме заеднички договор со Република Бугарија, а не проект што завршува во тунел и кој нема да оди на другата страна“,
кажа Николоски.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), пак, информираа дека досега не добиле пријава за обидот за поткуп на Мицкоски, а од МВР изјавија дека постапуваат по повеќе предмети поврзани со криминал и корупција.