„Очекувам во една заедничка соработка меѓу македонската и бугарската влада во соработка со Европската Унија и со претставниците на банките, да изработиме проект кој ќе значи изградба на пруга, а нема да значи неизградба на пруга кон Бугарија. Овој проект кој го имаме во моментот не е реален, не е изводлив и не може да биде завршен зашто претставува градежен подвиг, треба да се изградат 22 тунели и 56 моста на делница од само 23 километри. Потоа е прескап, проценета вредност е некаде околу 20 милиони евра по километар и третото, од страна на Бугарија не е завршена нивната работа затоа што завршува во тунел којшто не оди никаде“, рече министерот за транспорт
Повлечени се членовите, претставници на Министерството за транспорт и на ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ од евалуациските комисии, кои треба да извршат избор на надзор и избор на изведувач за изградба на третата фаза од делницата за изградба на пруга кон Бугарија. Ова денеска го изјави министерот за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за избор на изведувач за трета фаза од пругата кон Бугарија, посочувајќи дека ваквата одлука е донесена по наводите на премиерот Христијан Мицкоски дека бил жртва на обид за поткуп за да го поддржи проектот.
„Остануваме целосно посветени на изградба на пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, но за тоа да го направиме мора да имаме проект кој е изводлив, кој може да се изгради на теренот, проект што може да биде завршен, проект за кој ќе имаме заеднички договор со Република Бугарија, а не проект што завршува во тунел и кој нема да оди на другата страна“,
вели тој.
Според него, веќе разговарале со претставници на ЕУ, како и со претставниците на Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, две банки што, како што рече, овозможуваат кредит за изградба на инфраструктурата и очекува заедничка соработка.
„Очекувам во една заедничка соработка меѓу македонската и бугарската влада во соработка со Европската Унија и со претставниците на банките да изработиме проект, кој ќе значи изградба на пруга, а нема да значи неизградба на пруга кон Бугарија. Овој проект кој го имаме во моментот не е реален, не е изводлив и не може да биде завршем, зашто претставува градежен подвиг, треба да се изградат 22 тунели и 56 моста на делница од само 23 километри. Потоа е прескап, проценета вредност е некаде околу 20 милиони евра по километар и третото, од страна на Бугарија не е завршена нивната работа затоа што завршува во тунел којшто не оди никаде“,
рече Николоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали и тој бил жртва на поткуп за да го поддржи овој проект, исто како и премиерот Христијан Мицкоски, Николоски посочи дека најголем сојузник во борбата против корупцијата е токму јавноста, како и дека тие понуди за поткуп не доаѓаат јавно, туку има канали преку кои тие се прават.
„Токму после јавно изнесените информации што ги даде премиерот за обид за корупција, ние одлучивме да ги повлечеме членовите кои се дел од тимовите за евалуаиција и од делот за надзор и од делот за изведба, зашто тоа е најмалку што можеме да направиме, за да сфатат сите кои се обидуваат да направат поткуп дека со нас нема играње“,
рече министерот за транспорт.
Според него, на овој повик има пријавено седум учесници од кои најголем дел се несериозни, но и нема пријавено ниеден учесник од сериозна земја членка на ЕУ.
„Мислам дека тоа кажува сѐ во однос на тоа какви компании учествуваат. Тие компании мислат дека преку свои посредници можат да направат обид за поткуп кај мене, кај премиерот, можеби кај членовите на евалуационата комисија итн. Ние сме сериозни, затоа ја прекинуваме постапката со ова што сега ги повлекуваме членовите. Во иднина во соработка со ЕУ, со Бугарија и со банките сакаме да се изработи сериозен проект кој ќе биде изводлив, да добиеме јасни гаранции од Бугарија дека исто така ќе се изгради проектот на нивна страна и тој проект да е без никакви сомнежи за корупција“,
вели тој.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена посочи дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра.
„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа“,
рече тој.
На прашањето кој му нудел поткуп во врска со Коридорот 8, Мицкоски не прецизира кој стои зад поткупот, туку посочи дека тоа не оди јавно, туку преку други канали за комуникација.
„Еве, лично кажувам дека за Коридорот 8, секција 3 за пругата, имаше обид да ми биде понуден поткуп, со што јас како претседател на Владата би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која истекува на 17 септември. Но, сè додека сум јас претседател на Владата овој тендер нема да го прифатам поради техничка, но и морална причина. Завршија времињата на таков тип комуникација со претседател на Владата. Можеби со некои други имало така, со овој нема“,
вели Мицкоски.
Николоски досега неколку пати посочува на недостатоците на третата траса од пругата од Крива Паланка кон Бугарија, односно дека трасата завршува во тунел, кој од другата страна не води никаде, како и дека проектот предвидува на само 24 километри пруга да се изградат 22 тунели, за што смета дека ниту еден изведувач нема да може да го реализира тоа за период од четири години.