„Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога Владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност“, вели лидерот на опозицискиот СДСМ во објава на Фејсбук
Во моментов ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес-конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам работниците повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој што чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход, вели лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во објава на Фејсбук, со која, како што, наведува, им се обраќа на сите граѓани, особено на работниците.

Објавата на Филипче доаѓа откако владејачката партија и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) влегоа во судир, а синдикалците до Владата го доставија своето барање за зголемување на минималната плата од 24 500 на 30 500 денари и субвенционирање на придонесите.
Ваквите барања не наидоа на добар прием кај Владата, особено од стожерната партија ВМРО-ДПМНЕ која го обвини ССМ и нејзиниот лидер Слободан Трендафилов дека одработуваат и се пиони на СДСМ, ДУИ и Левица.
Филипче во објавата, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ има проблем со „вас работниците“, не со синдикатот.
Обраќајќи им се, вели дека работниците со право бараат пристојна плата со која може да се живее, а тие (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) смислуваат подмолни прикази за да ги обвинат дека се политички мотивирани.
„На ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност“,
пишува Филипче.
На реторичките прашања зошто кога сегашната владејачка партија била во опозиција го поддржувала синдикатот и била со работниците, а сега е против нив, Филипе вели дека одговорот е јасен – тогаш им биле политички потребни, а сега веќе не.
Ова, вели лидерот на СДСМ, е битка на главната владејачка партија со која конечно ќе стави крај на сите барања на работниците, ќе ги замолчи и фрли во апатија.
„Тоа е целта на овие напади и ништо друго“,
вели тој.
На крајот потенцира дека СДСМ ќе продолжи да ги поддржува барањата за достоинствен приход, да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштита на граѓаните.
„Попусто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да не замолчи. А не смее да ве замолчи ни вас, работниците“,
порачува Филипче.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вчера на прес-конференција изјави дека ако не најдат заеднички јазик со Владата за раст на минималецот и за обврските од Колективниот договор за јавниот сектор, големи се шансите да се повтори ланското сценарио и на 2 и 7 април работниците да излезат на улица.
Воедно тој ги осуди политичките нападите врз ССМ посочувајќи дека нема да дозволат работничката класа да се става во подредена положба.
На прес-конференцијата веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ наведувајќи дека „и Слободан Трендафилов призна дека е во дослух со СДС“ и само извршува наредби.
„Им испука балонот и на СДС и на ССМ“,
рекоа од владејачката партија во вчерашната реакција.
Оттаму во идентичен тон продолжија и денеска, обвинувајќи го Трендафилов дека со неговите лоши потези го направил ССМ да биде партиска комисија на СД, а тој гласноговорник на истата.
„Очајни се обидите на Трендафилов да глуми независен, кога самиот тој истакна дека се обединил со опозицијата за да нуди политички барања од нивно име преку ССМ. Прес-конференцијата која што ја одржа Трендафилов вчера е класичен пример на нервозен човек кој е откриен за заткулисните игри што ги прави, за коишто возвраќа на СДС кој го стави да биде прв човек на ССМ. Ова се има случувано и во минатото, односно, на СДС им стана практика да ставаат свои луѓе на позицијата претседател на ССМ. Барањата на ССМ и СДС се идентични, скоро и да немаат разлика, а проблемот е во тоа што тие предлози се нереални и политички“,
се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, во кое се додава дека Владата работи на подигање на економскиот раст на државата, зголемување на платите во државата и отворање на нови работни места.