Вакцинацијата на граѓаните против ковид-19 ќе биде во март кога ќе се користат обезбедените 833 000 дози вакцини од Ковакс механизмот преку Светската здравствена организација (СЗО).
Со овие дози ќе се вакцинираат околу 400 000 граѓани со оглед дека едно лице треба да прими две дози.
Најава дека вакцините во земјава ќе бидат достапни во март 2021, која е позната од претходно, вечерва уште еднаш ја потенцирал министерот за здравство Венко Филипче на состанокот со владините коалициски партнери кој се одржал денеска во Владата, по повод 100 дена од нејзиното формирање.
„Обезбедивме 833 000 дози за 400 000 граѓани кои два пати ќе се вакцинираат во текот на месец март. Сите вакцини кои се дел од Ковакс системот се со докажани добри ефекти и соодветна количина на анти-тела“,
рекол Филипче.
Заев на состанокот зборувал и за другите активности за борбата против ковид-19 кои се преземени изминатиов период.
„Го реализиравме заемот кај Светска банка кој обезбеди средства за изградба на 16 модуларни болници ковид-центри во 16 градови. Донесовме ребаланс на Буџетот за 2020 година со што обезбедивме средства за реализација на четвртиот пакет економски мерки во вредност од 470 милиони евра, пари кои завршуваат назад во економијата, назад кај граѓаните“,
рекол Заев.