За тромбонистот Никола Ристевски, кому не му бил продолжен договорот за работа по повеќе од десет години ангажман во оркестарот на Филхармонија, од институцијата велат дека престанокот на работниот однос произлегува од неговиот договор за вработување на определено време кој истекол на 31.12.2024 г.
Единствената причина поради која неколку вработени во Македонска филхармонија не добиле продолжување на договорите е тоа што тие им истекле на крајот на 2024 година, а институцијата не добила финансиска согласност за нивно продолжување.
Ова е одговорот што „360 степени“ во писмена форма го доби од Македонска филхармонија откако група вработени во оркестарот на оваа установа реагираа дека директорот Александар Котевски самоволно не им ги продолжил договорите на повеќе лица од техничкиот и продукцискиот сектор, како и на тромбонистот Никола Ристевски, кој повеќе од десет години е ангажиран во оркестарот на Филхармонија.

Од Филхармонија велат дека навреме била побарана финансиска согласност за продолжување на договорите за четворица колеги, но не била добиена.
„Од страна на установата се преземени неопходните чекори за продолжување на овие договори, односно за сите четворица колеги уредно и навремено е побарана финансиска согласност за добивање средства и продолжување на работниот однос. За четирите лица од техничкиот и продуцентскиот сектор установата не доби финансиска согласност за продолжување на договорите, со што не се обезбедени финансиски средства како услов за нивно понатамошно вработување“,
пишува во одговорот што „360 степени“ го доби од оваа институција.
За тромбонистот Никола Ристевски, кому не му бил продолжен договорот за работа и по 10 и пол години ангажман во оркестарот на Филхармонија, велат дека престанокот на работниот однос произлегува од неговиот договор за вработување на определено време, предвиден во Законот за работни односи.
„Предметниот договор за вработување истече заклучно со 31.12.2024 година, поради што следеше престанок на работниот однос. Во конкретната ситуација не постоеше ниту објективна причина, ниту законска обврска за продолжување или трансформација на неговиот работен однос, имајќи ги предвид одредбите од Законот за култура“,
велат од Филхармонија.
Институцијата смета дека постапила согласно законските процедури, па за неосновани ги сметаат обвинувањата од дел од вработените од Филхармонија.
„Постапувањето во сите ситуации е во целост во согласност со позитивната законска регулатива, како и со интерните акти, потребите, целите и интересите на установата“,
велат од Филхармонија.
Додаваат дека според последните измени во Законот за култура, од 1.1.2025 година трансформиран е работниот однос од определено на неопределено време на 18 вработени колеги уметници.
Група вработени во оркестарот на Македонската филхармонија преку онлајн петиција собираат потписи за поддршка на колегите на кои не им биле продолжени договорите за работа.
Петицијата првично почнала за поддршка на тромбонистот Никола Ристевски, кој бил ангажиран на позицијата втор и трет тромбонист, а како што се наведува во петицијата, нема официјално образложение зошто не му е продолжен договорот.
Вработените во Филхармонија обвинуваат дека станува збор за самоволие на директорот кој поради лични каприци го довел во прашање квалитетот на работата на институцијата и бараат реакција од повисоки инстанци.