Најголемата светска социјална мрежа, која дневно ја посетуваат две милијарди корисници низ целиот свет, Фејсбук, е повторно достапна за корисниците по повеќечасовниот ,,пад”. Повторно работат и Инстаграм, како и апликациите за комуникација Месинџер и Ватсап, сите во сопственост на Фејсбук.
Во објава на Твитер, од Фејсбук им се извинија на корисниците и објавија дека нивните сервиси и апликации се повторно достапни. Во објавата нема објаснување за причините за падот.
Aкциите на Фејсбук вчера паднаа за околу 5,5%, што е најлош ден за компанијата во последната година. Но, падот на акциите не се должи само на проблемите во „виртуелниот“ свет.
Завчера поранешната вработена во Фејсбук, Францес Хауген, на американската ТВ емисија „60 минути“, откри дека таа е „свиркачот“ кој во изминатиов период испраќаше доверливи информации до медиумите дека компанијата давала приоритет на профитот пред безбедноста на мрежата.
Сега и со име и презиме Хауген го обвини Фејсбук дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести само под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.