За решението, како што рече министерот за здравство, ќе се разговара со сите други министерства и институции кои имаат надлежности во оваа проблематика, а за негово изнаоѓање ја имаат и поддршката од премиерот Димитар Ковачевски
Според новиот министер за здравство Фатмир Меџити, мора да се најде решение за барањата на медицинските лица за покачување на платите, прашање за кое тој и претставниците на синдикалните организации на здравствените работници вчера седнаа и разговараа на заедничка маса.
За решението, како што рече министерот за здравство, ќе се разговара со сите други министерства и институции кои имаат надлежности во оваа проблематика, а за негово изнаоѓање ја имаат и поддршката од премиерот Димитар Ковачевски.
„Со сите други институции и со Фондот за здравствено осигурување и со Министерството за труд и социјална политика и со Министерството за финансии сме договорени да најдеме најдобро можно решение“,
рече новиот министер за здравство.
Одговарајќи на новинарско прашање дали доколку не се дојде до решение е можно Министерството да се соочи со протести од страна на здравствените работници, Меџити со одговор:
„Нема не може, мора да најдеме решение. Мора да најдеме решение. Тука ја имаме и поддршката на премиерот за да почнат во здравството работите да одат напред. Мора да функционира здравството, тоа е за доброто на сите“,
рече тој.
Синдикатите на здравствените работници очекуваат анексот на Колективниот договор за зголемување на платите на медицинските лица да биде потпишан до крајот на наредната недела. Доколку не се реши ова дотогаш, Синдикатот на Клинички центар ќе се организира со членството, заедно со ССМ и со останатите синдикати за да одлучат како ќе дејствуваат понатаму.
„Членството е максимално револтирано. Плус, сега и порастот на минималната плата, ако не се заврши за овој месец ова потпишување на договорот, самото Министерство за здравство и Владата ќе си имаат проблем“,
нагласи вчера потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.
Покачувањето што го очекуваат медицинските лица е во линеарен износ – од три илјади денари, две и пол, две илјади денари, зависно од структурата на вработени.
Потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, вчера изјави дека првата средба со министерот поминала во коректен конструктивен разговор, додека за Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, средбата со министерот Меџити била повеќе од информативен карактер.