За Рангелова рече дека од доказната постапка произлегло дека не се содржани дејствијата потребни за да постои основ за кривичното дело
За другите двајца се утврдило дека нивните дејствија немале таков интензитет на насилничко однесување за да се гонат за лривично дело насилство
Обвинителката Фатиме Фетаи, пред завршните зборови, се откажа од обвинението против тројца од обвинетите во случајот познат како „Шамарите во Центар“: поранешната пратеничка Даниела Рангелова, која беше советничка во Општина Центар за време на насилствата на протестите летото 2013, како и Милан Андоновски и Борче Богдановски, кои биле директни учесници во протестите.

Во објаснувањето, Фетаи рече дека обвинението за Рангелова го повлекува затоа што од доказната постапка произлегло дека не се содржани дејствијата потребни за да постои основ за кривичното дело.
„Ниту еден вербален или материјален доказ не ги прикажуваат инкриминирачките дејствија“,
рече таа.
Томислав Лазаров, кој беше советник во Општина Центар и призна вина, потсети обвинителката, во сведочењето негирал вмешаност на Рангелова. Таа се осврна и на исказите на сведоци кои кажале дека ја виделе Рангелова како разговара на мобилен телефон и дава информации.
Можеби нивните перцепции биле точни, рече Фетаи, но никој не можеше да тврди со сигурност и нема доволно силни докази за да се потврди тоа.
За другите двајца за кои го повлече обвинението, а кои биле учесници на протестите, обвинителката рече дека се утврдило дека нивните дејствија немале таков интензитет на насилничко однесување за да се гонат за кривично дело насилство.
Тие би можеле да се гонат за друго дело, но за тоа сега гонењето е застарено со оглед на временската дистанца.
Во случајот обвинети остануваат 7 лица од вкупно 14 кои беа опфатени на почетокот со обвинението. Првообвинет останува експремиерот Никола Груевски кому му се суди во отсуство, поранешниот министер Миле Јанакиески, како и петмина директни учесници во протестите: Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Даниел Трифуновски, Трајче Петковски и Игор Бошковски.

Во овој случај веќе има три пресуди: Осуден е Мирко Пецев кому му се судеше во одвоена постапка, како и двајца обвинети кои признаа вина и добија условни казни. За еден обвинет, пак, беше определено задолжително психијатриско лекување.
По соопштувањето на одлуката за повлекување, обвинителката Фетаи го прочита прочистеното обвинение и продолжи со завршните зборови.
Обвинетите се товарат за поттикнување и организирање, како и учество на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Застапници на обвинението се Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи, кои го водеа случајот уште кога беше во рацете на СЈО, а со овластување на републичкиот обвинител Љубомир Јовески останаа надлежни и откако предметите беа преземени од редовното обвинителство.
Завршните зборови следуваат по минатото рочиште на кое имаше дополнување на постапката. Одбраната бараше дополните сведоци, меѓу кои и владиката Агатангел за, како што велат, да докажат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирала протестите бидејќи, всушност, владиката повикувал на протести против уривањето на започната изградба на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“. Адвокатите на Миле Јанакиески бараа да се слушаат и нови „бомби“ бидејќи посочуваа дека двата телефонски разговора кои биле пуштани во судница не се единствените.
По завршните зборови на обвинителството, ќе биде познато дали и одбраната денеска ќе почне со своите заврши зборови или ќе се закаже уште едно рочиште.