Во моментот се спроведуваат десет клинички испитувања за развивање евтини и делотворни тестови за откривање ковид-19
Мултинационалните фармацевтски компании се обврзаа дека ќе произведат вакцина против новиот коронавирус во период од 12 до 18 месеци. Вакцината, велат, ќе биде достапна во сите делови од светот.
Во моментот се спроведуваат десет клинички испитувања за развивање евтини и делотворни тестови за откривање ковид-19, а потоа и вакцина за да се запре ширењето на новиот коронавирус.
„Работиме на три полиња: да се обезбеди дистрибуција, да се пренасочи постоечката технологија и да се произведат нови лекови, нови вакцини, нови тестови со кои ќе се искорени ковид-19“,
изјави потпретседателот на Извршниот одбор на „Џонсон и Џонсон“, Пол Стофелс, на вчерашната видеоконференција организирана од Меѓународната федерација на фармацевтски производители (ИФПМА).
Другите претставници на фармацевтските компании истакнаа дека потребни се од година до година и пол за вакцината да биде одобрена на пазарот.
„Кога регулаторните агенции ќе ја одобрат формулата, треба да се произведе доволно количество вакцини и да се обезбеди достава до сите делови на светот“,
изјави извршниот потпретседател на Санофи, Дејвид Лоев, додавајќи дека станува збор за милијарди луѓе и оти предизвикот е голем.